Димков даде оставка: На кандидатите од УБК за АНБ немаше ниту полиграф ниту тест за интегритет

4486

Пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ денеска до премиерот Зоран Заев поднесе оставка на местото член на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање во Агенцијата за национална безбедност.

– Изборот на кадри за АНБ беше компромитиран од самиот почеток и повеќе се базираше на субјективни па дури и политички, наместо на објективни, јасни и однапред утврдени критериуми. Мојот впечаток е дека целиот процес беше фарса, односно имаше за цел да даде некакво покритие за претходно донесени одлуки околу кадрите кои би влегле во АНБ. Според мене имаше неколку клучни моменти врз основа на кои се направи ваков избор, односно не се постапи согласно новиот закон за АНБ. Не се реализираше тестот за интегритет кој требаше да се спроведе соогласно законот за АНБ, ниту се постапи согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето. Исто така од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање – вели Димков.

Клучен момент при селекцијата, нагласува тој, беше и оценувањето на вработените од страна на нивните претпоставени. Тука, според него, бил спорен и кредибилитетот на оценувачите и нејасните критериуми за оценување.

Потребни се реформи во безбедносниот сектор кои ќе резултираат со ефикасни и професионални служби. Се плашам дека во моментов со ваквиот начин на работа, само се оддалечуваме од крајната цел, односно се креира нова една институција во која уште од самиот старт  довербата е дискутабилна. Доколку сте искрени во намерата за реформи во безбедносниот сектор, тогаш сметам неопходно е да се ревидира процесот на селекција на кандидатите за влез во Агенцијата за национална безбедност. Исто така потребно е да се формира нова комисија, бидејќи постојната веќе го загуби кредибилитетот, но и да се ревидира начинот на вршење на безбедносни проверки за да се утврди како е спроведено сегашното оценување на кандидатите – порача пратеникот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...