Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари средба со делегација од Националното Собрание на Социјалистичка Република Виетнам, предводена од потпретседателот на 14-то Национално Собрание, Уонг Чу Луу, а во чиј состав беа пратеници и претставници на региони во земјата.
Министерот Димитров го истакна значењето и вниманието кое Владата на Република Македонија го посветува на односите со државите од Азија, меѓу кои и Виетнам. Активната политичка соработка во изминатата година и поддршката која Република Македонија ја дава на Виетнам на мултилатерален план се одлична основа за натамошно продлабочување на односите. Соговорницте се согласија дека постои неискористен потенцијал за зајакнување на билатералната соработка во повеќе области, пред сé во економијата, образованието, културата и туризмот. За таа цел, се разговараше и за можностите за воспоставување директна соработка меѓу бизнис заедниците од двете земји, кои можат да бидат значајни појдовни точки кон eвропскиот и кон виетнамскиот пазар.
Потпреседателот на 14-то Национално Собрание, Вонг Чу Луу, изрази задоволство од традиционалното пријателство меѓу двете земји и нагласи дека целта на посетата е натамошно продлабочување на односите. Виетнам позитивно гледа на реформската политика на Република Македонија и изразува поддршка за нејзините надворешно-политички приоритети. Во однос на билатералната соработка, покрај економијата, потпрестедалот ги посочи културата, образованието и туризмот како полиња кои нудат широк потенцијал на соработка.
– Треба да изнајдеме начини за да ги охрабриме бизнис заедниците од двете земји за директна соработка. Негуваме позитивни, пријателски и односи на меѓусебна почит со Виетнам. Имаме солидна договорна рамка и традиција на заемна поддршка на мултилатерално ниво. Мислам дека покрај економската, треба да ја интензивираме и соработката во областа на културата и туризмот меѓу Република Македонија и Виетнам – изјави Димитров.