Утре е историски ден за Македонија, со кој се отвора иднината изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров на отворањето на Фестивалот One love tour 2018, на кој беше заедно со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева.
Димитров рече дека утрешниот ден е еден голем чекор во насока на затворање на прашање, што е отворено толку колку што е стара независноста на Република Македонија, практично од 1991 година.
– Имаме сили што се борат за напред, за иднината, имаме сили што се борат за назад, за минатото. Минатото не можеме да го смениме, иднината можеме. Мислам дека тоа е многу голем чин, на некој начин бевме охрабрени од Договорот за пријателство со Бугарија. Ова е нашето последно отворено прашање и на некој начин завршува една фаза на прашалници, на предизвици. Многу ќе биде важно овој чин да ги отвори вратите и на ЕУ и на НАТО бидејќи меѓудругото, покрај пријателството со Грција, македонските основни мотиви се да се отворат вратите и конечно да излеземе од таа чекална, каде што сме заклучени премногу години – рече Димитров.