Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за МИА ги објаснува следните чекори на земјата откако денеска се потпиша пристапниот Протокол за членство во НАТО, но и одговара на критиките на противниците на процесот.
Македонија и Грција во наредните денови, по ратификацијата на пристапниот Протокол за членство на Македонија во НАТО во грчкиот Парламент, треба да разменат ноти за да стапат во сила Преспанскиот договор и уставните амандмани поврзани со него. Министерот Димитров не сака да шпекулира за временската рамка, но верува дека тоа би требало да се случи во наредните денови.
Потоа процесот треба да тече според одредбите на грчко-македонската спогодба, во пријателски дух.
– Во договорот се разликува постоечки и нови документи, во разумен административен рок и за внатрешна и за надворешна употреба… За постоечки документи има врска со отворањето на поглавјата во европскиот процес, тоа значи за стари документи. А за новите документи, и за внатрешна и за надворешна употреба има административен рок и има еден посебен рок од пет години, на пример во однос на патните исправи. Најважно тука е да има добра волја, да има разбирање, пријателство во спроведувањето на договорот бидејќи станува збор за еден огромен административен напор – објаснува Димитров.
На прашањето дали стравува од можна руска интервенција до полноправното членство, слично на она што го доживеа Црна Гора пред зачленувањето во Алијансата, Димитров потсетува дека огромно мнозинство од граѓаните на Македонија го поддржуваат членството во Алијансата.
– Ние ќе продолжиме да ги убедуваме и нашите пријатели од Москва дека ова е добро за стабилноста на Македонија, на Балканот, дека е наша одлука. Знаете, мене дури и ме навредува кога некои велат „ова го прави Вашингтон“, „ова го прави Берлин“. Не, ова е себична одлука да се грижиме за сопствената стабилност и да си го почитуваме народот од кој 84 отсто вели да одиме натаму. Ќе ги убедиме сите дека ова е добро, сите кои се грижат за стабилноста на регионот – вели министерот за надворешни.
На критиките за Преспанскиот договор од двете страни на границата, Димитров одговара дека од сега натаму линијата на поделба не е веќе меѓу Македонија и Грција, туку меѓу оние кои сакаат да одат напред, и оние кои влечат назад.
– Линијата сега е: силите за напред и силите за назад во ровот, во двете земји, мислам дека со посветеност и имплементација ќе успееме да ги убедиме и противниците да дојдат на нашата страна, на правата страна на историјата. Не е чудо што светот вака реагира, бидејќи вистина е ретко од Балканот ваква вест, две земји решиле тешко прашање и создале малку иднина.
Министерот повикува сега сите да се фокусираат на стратешката цел и да не се губи времето кое претстои до крајот на процесите, како за НАТО, така и за ЕУ.
– Овие години мора да ги искористиме за земјата да си ја кренеме на нозе, да ја направиме поуспешна, поздрава во смисла на функционалност на институциите, во економска смисла, во смисла на платите, и сега како општество, и како политика е важно да најдеме разбирачка, да туркаме сите напред, за да го искористиме овој период. Ако пола туркаме напред, а пола влечеме назад, нема да го искористиме како што треба овој период – предупредува Димитров.
И потсетува дека до пред неколку месеци, во Брисел „едвај се споменуваше Македонија“.
– Ако имате предвид каде бевме пред 20 месеци, кога во ходниците на НАТО едвај не споменуваа, и каде сме денес, сите земји членки потпишаа протокол да ни отворат место во Алијансата, мислам дека е толку голем влогот и поддршката од светот, што нема предизвик што нема да го решиме вака или онака – вели министерот за МИА.