Димитров: Со нетрпение ја очекуваме оваа година во која ќе славиме конкретни резултати

469

Благодарни сме за позитивните реакции на меѓународната заедница за процесот на преговори како и за самиот исход, рече денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров кој беше домаќин на традиционалниот Новогодишен прием за дипломатскиот кор во Република Македонија.

Во своето обраќање, Димитров се осврна на клучните настани и надворешно политички активности во изминатата 2018 година, со фокус на преговорите со Грција кои резултираа со потпишување на Конечната Спогодба во Преспа.

– Голем број светски лидери и дипломати изразија пофалба до сите страни во процесот. Бевме посветени, од ова зависат нашите стратешки цели: полноправно членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ во 2019 година. Со нетрпение ја очекуваме оваа година во која ќе славиме конкретни резултати во насока на исполнување на нашите стратешки цели – рече Димитров.

Доајенот на Дипломатскиот кор во Република Македонија, амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон, во име на сите членови на Дипломатскиот кор се заблагодари за организираниот прием, истакнувајќи ја одличната соработка со Министерството за надворешни работи и со министерот Димитров.

Воедно, Амбасадорот упати пофалби и честитки за исклучителниот дипломатски ангажман изминатата година, кој вроди со историски резултати на планот на решавање на најважните отворени прашања на надворешно-политички план. Притоа изрази надеж дека целокупниот процес наскоро ќе се финализира и ќе доведе до отклучување на вратите за исполнување на стратешките приоритети на земјата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...