Со напредокот на Македонија во правец на градење на вистинска европска демократија, нотифициран во извештајот на Европската Комисија, имаме ретка можност да постигнеме успех. Можност која треба заеднички да ја препознаеме и искористиме, порача шефот на македонската дипломатија Никола Димитров по средбата со Михаел Рот, државен министер за Европа во германското МНР.
Димитров го запознал министерот Рот со текот на разговорите со Грција за разликата околу името, како и со најновите актуелности околу процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Тој ја потенцирал важноста на поддршката на нашите европските пријатели на тој пат.
Рот го поздравил постигнатиот напредок во реформскиот процес на земјата, јасно препознаен во Извештајот на ЕК и содржаната препорака за почнување на пристапните преговори со ЕУ. Во таа насока, Рот повторил дека Германија и натаму останува силен поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО. Рот изразил задоволство и охрабрување за заложбите на Владата за изнаоѓање решение во разговорите со Грција.