Димитров: САД стојат зад евроатлантскиот пат на Македонија

140

Министерот за надвореши работи Димитров неделава беше во тридневна посета на Вашингтон. Во Стејт департментот вчера тој оствари официјална средба со државниот секретар Мајк Помпео, а имаше низа средби и во Сенатот и во Белата куќа. Во понеделникот тој се срeтна со републиканскиот сенатор Боб Коркер, а денеска во Сенатот и со Џен Шахин и Џим Риш, членови на Комитетот за надворешни работи. Средба имаше и со Мира Рикардел, заменик-советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп.

На сите средби со експерти и политичари од американската престолнина тој доби силна поддршка за евроатлантскиот пат на Македонија со историската шанса што ни се пружи со Спогодбата со Грција и добиената покана за влез во НАТО. Во една од паузите во набиената агенда на нашата делегација, МИА се сретна со Димитров и разговараше за важните настани што Македонија ја очекуваат следните месеци.

Министре Димитров, кои се пораките од средбата со државниот секретар Мајк Помпео и какво значење имаат за Македонија и за регионот?

– Основната порака е едно големо охрабрување. Тајмингот на посетата е многу индикативен. Во ноември минатата година jас се сретнав и со претходниот државен секретар Рекс Тилерсон. Тоа што оваа средба се одржа непосредно пред почетокот на кампањата за референдумот, закажан за 30 септември, е порака дека Америка стои зад евроатлантскиот пат што Македонија го избра, дека го поддржува затворањето на последното билатерално прашање на Македонија – Договорот со Грција, потпишан во Преспа. Дека ги подржува нашите стратешки заложби за влез во НАТО, и дека тоа е добро за регионот, за нас, за американските интереси, кои, пред сѐ, се стабилност на Балканот. Едно големо охрабрување, тоа беше главната порака.

Знаеме дека кампањата за референдумот е пропратена со лажни вести. Какви напори прави владата да се спрaви со лажните вести што се појавуваат на некои портали?

– Тоа е феномен што го обременува целиот свет. Како сме организирани политички и во Европа и глобално, технолошкиот развој на сите е проследен со заканата од лажните вести. Мислам дека тоа што се обидуваме да го правиме е да реагираме брзо. Како илустрација нека послужи лажната информација за употреба на осиромашен ураним на воената вежба со АРМ и САД во Криволак. На долг рок многу е важно да се зголеми медиумската писменост. Граѓаните да имаат еден критички осврт и резерва дека не е така сѐ што се пишува. Нѐјчесто тоа што го пишува и не е така, дека треба да се провери изворот, треба да има предзнаења. Ние сме плодно тло за лажни вести, не само во Македонија, туку воопшто на Балканот. Сакаме теории на заговор. Ова е еден голем предизвик за нашата демокртија, бидејќи луѓето мора да одлучуваат врз основа на информации. Ако граѓаните не се информирани, не функционира демократијата. Затоа многу е важно сериозно да го земеме овој феномен. И тоа не е обврска само на државата и Владата, туку и на медиумите, новинарите, невладините организации.

Дали Владата има стретегија да се спротивстави на обидите на Русија да се меша и влијае врз референдумот со свои сателити одвнатре?

– Ние сме горда, но мала, земја во срцето на Балканот. Сакаме да имаме пријателски односи со сите, почнувајќи од нашите соседи до големите играчи. Нашиот пат кон НАТО е започнат од 1993 година и за нас тоа е работа што требаше да се заврши и порано. Ние требаше да станеме членка во 2008 година. И во таа смисла ова е незавршена задача. Тоа не значи дека сакаме да имаме тензични или негативни релации со некого, вклучително и со Руската Федерација. Ние секогаш и јавно и зад затврени врати, на дипломатските средби, укажуваме дека ова не е или-или избор. Не мора да значи дека нашиот северноатлантски пат е непријателство. Сакаме да имаме добри односи. Тоа е наша одлука и одлука на граѓаните. Процентот на поддршка варира, меѓутоа секогаш е од две третини до три четвртини од граѓаните сметаат дека е ова е добро за Македонија. Наша должност и одговорност е тоа да го реализираме. Во регионот мислам дека имаме доволно маки и не треба Балканот да биде поле за натпревар на други сили. Регионот е како остров опкружен со ЕУ и  НАТО членки. Тоа треба да се земе в предвид. Многу е важно во овој деликатен период институциите да бидат многу внимателни. Како што реков пред малку, многу е важно граѓаните да ги препознаваат лажните вести, да размислат добро и да внимаваат, да препрочитуваат. Бидејќи очигледно е дека лажните вести се оркестрирани. Не знам дали доаѓаат од еден центар, меѓутоа често има пораки што таргетираат ранливи места. Таргетираат меѓуетнички односи, разгоруваат омраза. Мора да се соочиме со таа реалност и да работиме секој ден во справување со овој предизвик.

Руската стратегија за поткопување на демократските инстутиции на Запад се состои во извршување на кибер напади директно на државни, партиски или невладнини институции или преку социјални мрежи со ширење лажни вести и испраќање коментари преку лажни профили. Дали на средбите во Стејт департментот со државниот секретар Помпео и со помошник секретарот за европски прашања, Вес Мичел, добивте техничка или практична помош од САД за нашата Влада да се справи со тие кибер напади, да се спречи поткопување на Договорот со Грција и опструкција на референдумот?

– Можам само накратко да кажам дека имаме одлична соработка со Стејт департментот во многу области кои вклучуваат и зајакнување на административните капацитети на нашата Влада и на Министерствата, но и вклучително во однос на ова прашање.

Кои ќе бидат општите придобивки за нас откако Македонија стане дел од НАТО и ја продолжи интеграцијата со ЕУ?

– Ние живееме со еден тег што долго време нѐ влече назад. Подоцна влеговме во ОН, подоцна стапивме во Совет на Европа, подоцна добивме меѓународно признавање кое остана недовршено со обврска да го надминиме проблемот со Грција. Во ОН ни се обраќаат со Поранешна југословенска Република Македонија. Решавањето на ова прашање го сече овој тег, ги отвара вратите за напред на начин што го зачувува тоа што најмногу ни е важно, а тоа е идентитетот, дека сме Македонци, дека зборуваме македонски јазик. Јазикот е јасно определен во член 1 од Договорот, дека сме македонски народ стои во член 7 со наведени разлики на значењето на поимот во Македонија и во Грција. Перспективите на државата и во однос на НАТО и во однос на ЕУ драстично се подобруваат. Добивме покана за Алијансата, процесот е многу пократок. Влезот значи дека Македонија остана и ќе ја биде во сегашните граници, ќе се зацврсти државноста и стабилноста и на некој начин ќе се стави печат на прашањата што ќе биде, бидејќи живееме во регион каде не сите прашања се докрај решени и наша задача е да си ја заштитиме Македонија.

Влезот во НАТО ќе донесе инвестиции. Различни земји имаат различни искуства, меѓутоа секаде има нето добивка. Естонија е меѓу најеклатантните примери каде се триплираа странските инвестиции по нејзиниот влез во НАТО, и кај другите балтички земји имаше пораст меѓутоа посебно во Естонија. Таа политичка стабилност е сигнал за инвеститорите дека оваа земја ги завршила крупните работи, дека е демократија, дека има Закон што се почитува, и тоа значи повеќе инвестиции, подобар стандард. И влегуваме во еден сојуз на држави каква што сакаме де бидеме и ние. Во однос на ЕУ, имаме пристап до структурните фондови и целосно отварање на нашите производи кон европскиот пазар. Хрватска е пример, по влезот во ЕУ нејзиниот извоз на европскиот пазар се покачи за една третина. Имаме мобилност на младите. Значи штом застанеме на шините за ЕУ, целиот политички систем е впрегнат да биде доследен во извршување на реформите, бидејќи нашата Македонија преку ноќ нема да стане европска, ама ќе помогне ако сме качени на возот. И со добрата машинерија на Брисел што длабоко скенира какви сме, што правиме, кои ни се грешките, ќе направиме младите да не си ја бараат иднината надвор во Европа, туку Европа да ја донесеме во Македонија и мислам дека тоа е клучната придобивка. Ќе добиеме реална шанса. Меѓутоа никој друг нема да ни ја заврши работата, ќе мора самите да го направиме тоа.

Борис Камчев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...