Прашање на денови е кога Македонија ќе го потпише Пристапниот протокол со 29-те земји членки во седиштето на НАТО во Брисел, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.
-Уште немаме прецизен датум, не знаеме точно кој ден, но може да очекуваме тоа да се случи идната седмица. Потоа, веднаш процесот повторно се враќа во Парламентот во Атина и исто така ќе биде тоа прашање на неколку денови, со тоа практично ставаме точка на една цела ера. Со тоа завршува спорот, меѓутоа влегуваат во сила и Преспанскиот договор и амандманите на Уставот. И тоа создава од една страна големи шанси и го отвара патот, од друга страна многу административни обврски на кои мора да работиме – рече Димитров на новинарско прашање пред денешната дебата организирана од Институтот за демократија Социетас Цивилис за европските перспективи на земјата за време на романското претседателство со ЕУ.
Тој појасни дека Македонија го добива столчето во НАТО веднаш штом се одобри пристапниот протокол, кој значи изменување на Вашингтонскиот договор.
– Веднаш штом се одобри Пристапниот протокол ние добиваме столче. Седиме до генералниот секретар кога е состанокот на Северноатлантскиот совет сочинет од амбасадори на 29-те земјите-членки. На министерско ниво привилегијата ќе ја има вицепремиерот и министер за одбрана Шекеринска во февруари кога ќе биде министерскиот состанок, а на ниво на МНР во април во Вашингтон – рече министерот Димитров.