Очекуваме нашите напори да бидат валоризирани во јуни преку одлука која и формално ќе ги отвори вратите на пристапниот процес како клучна алатка за европска трансформација на земјата и платформа за рамноправен реформски натпревар со останатите, околу она што ги засега нашите општества и граѓани денес, порача шефот на дипломатијата Никола Димитров на средбата со естонскиот заменик министер за европски прашања Мати Масикас.
На средбата се разговарало за евро-атлантската агенда на Република Северна Македонија и предизвиците на процесот на проширување на ЕУ во следните неколку месеци.
Димитров упатил благодарност за континуираната поддршка на Естонија за европската перспектива на земјата. Тој понудил кус осврт за текот на домашните реформи, нагласувајќи ја силната политичка заложба за натамошно интензивирање на реформскиот процес и испорака на нови крупни и видливи резултати во главните области.
– Заменик министерот Масикас упати честитки за постигнатиот успех со Преспанскиот договор и потпишувањето на Пристапниот протокол во НАТО, подвлекувајќи дека истиот претставува инспиративен пример за Регионот и пошироко. Масикас го поздрави и направеното во клучните реформски области како дополнително охрабрување дека земјата се движи во вистинскиот правец и, во таа смисла, ја реафирмираше цврстата поддршка на Естонија за процесот на нашата Европска интеграција, стои во соопштението.