Министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамки на првиот ден од работната посета на Кралството Холандија, се сретна со генералниот директор на Организацијата за забрана на хемиско оружје, Ахмет Узумџу.
Димитров на претпладневната средба, како што соопшти МНР, изразил целосна поддршка за работата на Oрганизацијата – добитник на Нобелова награда за мир во 2013 година.
– Го поздравувам вашето лидерство – сѐ поважно во овие неизвесни времиња кога рамката на мултилатерализмот е разнишана – посочил Димитров.
На средбата било разговарано за важните напори кои Организацијата ги презема во насока на имплементација на конвенцијата за хемиско оружје. Министерот Димитров ја истакнал посветеноста на Македонија во овој процес изразена и преку нашата актуелна координација на Источноевропската регионална група во Организацијата.
Министерот Димитров се обратил на реномираниот Холандски институт за меѓународни односи – Клингендал.
– Актуелниот напредок на реформите во Република Македонија може да има само позитивна корист од примената на Холандската формула заснована на строгост и фер пристап – јасно идентификување на знаци на уназадување и недоволен напредок, но истовремено и вреднување на постигнатото. Искуството со кризата донесе зрелост во нашиот пристап. Не сакаме да станеме ЕУ земја членка само заради членството. Потребен ни е процесот на пристапување, кој што во основа претставува алатка за трансформирање на нашата држава во Европска демократија, рекол Димитров.
Работната посета на Димитров во Кралството Холандија продолжува утре со средби со министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, обраќање пред членовите на Комисијата за европски прашања во Парламентот на Холандија, како и средби во Министерството за одбрана и холандското МНР.