Ако воведеме контра мерки, работата ќе ескалира во лош правец и потоа, повторно ќе мора да седнеме за да најдеме решение, изјави министерот за надворшени работи Никола Димитров на денешната заедничка прес-конференција со косовскиот колега Беџет Пацоли во Приштина, осврнувајќи се на косовската одлука за зголемувањето на царините на овошјето и зеленчукот.
Убеден сум, истакна Димитров, дека ќе ја следиме новата европска политика и низ брз дијалог ќе го надминеме ова прашање.
Според него, во време на поврзување и имплементирање на Берлинскиот процес кој токму тоа го налага, треба да се елиминираат бариерите.
– Мислам дека само тоа е патот за заштита и на нашите и на вашите производители. Мислам дека не можете да се заштитите себе си ако го повредите соседот. Не може една мерка да биде добра за Косово, ако не е добра за пријателот во соседството. Мора да најдеме решение. Да не одиме по старата балканска политика, да не фати инает. Треба да одиме по новата европска балканска политика и ќе најдеме начин низ дијалог да го надминеме ова прашање, рече Димитров.
Димитров појасни дека членот 24 од Договорот за ЦЕФТА упатува на процедура кога една земја мисли дека нејзината економска ситуација е влошена треба да се почне истрага и да се спроведат преговори, а потоа да се применуваат мерки.
Шефот на косовската дипломатија, Беџет Пацоли, пак, ги потенцира традиционалнои одличните билатерални односи со Македонија.
-Република Макеоднија е природен пријател на Косово. Добрите односи меѓу двете земји продолжуваат и натаму. Како што знаете, Косово и Македонија почнаа поширока соработка, имаме најмалку две средби на годишно на ниво на претседатели. Договоривме по најмалку две средби годишно на ниво на премиери и две меѓувладини средби. Првата средба е предвидена во септември, која може евентуално да биде одложена поради фактот што Македонија се наоѓа пред подготовка за референдум. Му честитав на мојот колега за одличната работа во решавањето на повеќегодишното прашање за името меѓу Македонија и Грција. Оваа одлука создаде позитивна атмосфера во регионот, особено за Косово. Оваа работа е позитивна, бидејќи и се нуди можност да се чуствува како безбедна зона, изјави Пацоли.
Димитров им честита на косовската Влада и на граѓаните за позитивната веста во однос на визната либерализација.
– Во нашата надворешна политика сме убедени дека решавањањето на проблемите е создавање шанси, градење мостови. Секоја добра вест за Косово, како и за кој било друг наш сосед е добра вест за нас. Нам како земја не чека клучна историска шанса, почеток на преговори, рече шефот на македонската дипломатоија.
Во однос на лидерската средба во обид да се постигне договор околу референдумот Димитров нагласи дека се работи за историска можност за Македонија, за отворање на вратите на НАТО и почеток на преговори со ЕУ.
– Имавме два обида да најдеме заеднички јазик во однос референдумот. Мислам дека е страшно ако кој било политички партнер се плаши од волјата на граѓаните, а референдумот е соочување со волјата на граѓаните. Мислам дека е уште пострашно ако волјата на граѓаните ја соочуваме со поткопување на важните принципи. Македонија се разбуди од состојба на неказнивост, рече Димитров и нагласи дека тој принцип е поважен од се друго.