Димитров на тет-а-тет средба со колегите од Црна Гора и од Данска

338

Mинистерите за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, и на Кралството Данска, Андерс Самуелсен, денеска ќе престојуваат во работна посета на Република Македонија.

Како што соопштија од МНР, предвидено е шефот на македонската дипломатија Никола Димитров со црногорскиот колега да одржи тет-а-тет средба, по што ќе следат пленарни разговори меѓу делегациите на Mакедонија и на Црна Гора, на кои се очекува да бидат разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, соработката на регионален и мултилатерален план, како и за евро-атлантските интегративни процеси.

Во рамки на посетата предвидено е министрите да потпишат Договор меѓу Република Македонија и Црна Гора, за уредување на меѓусебните имотно-правни односи.

Предвидено е, утре, на свечена церемонија, Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, во Битола на Дармановиќ, да му ја додели титулата Почесен доктор на науки.

На средбата со Самуелсен, пак, Димитров ќе го информира за реформските активности на Владата на Репбулика Македонија во клучните области, а посебен акцент ќе биде ставен на поддршката од Данска во процесите на пристапување на нашата земја во европските и евро-атлантските структури.

Воедно, ќе бидат разменети мислења и предлози за натамошно унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заемен интерес, интензивирањето на политичкиот дијалог на високо ниво, како и за состојбите во регионот и пошироко.

Ова е прва посета на дански министер за надворешни работи на Република Македонија после 16 години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...