Министерот за надворешни работи Никола Димитров утре и задутре ќе учествува на петтата Kонференција на високо ниво за Западен Балкан, што ќе се одржи во Лондон под покровителство на британската премиерка Тереза Меј.
Конференцијата, како што информира МНР, се организира во рамките на „Берлинскиот процес“, чии членки се шесте земји од Западен Балкан – Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и петте земји-членки на ЕУ – Германија, Aвстрија, Франција, Италија, Велика Британија.
Во својство на набљудувачи во процесот учествуваат Словенија и Хрватска.
Покрај политичката и економската агенда на Самитот на Берлински процес, оваа година во Лондон, се вклучува и темата за безбедност.
Во рамки на програмата на Министрите за надворешни работи, предвидени се дискусии поврзани со реформската агенда во контекст на евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан, билатералните односи, како и глобалните безбедносни и миграциски предизвици.
На маргините на Самитот во Лондон, МНР Димитров, заедно со еврокомесарот Јоханес Хан во вторник ќе имаат воведно излагање во Чатам Хаус, Британскиот кралски институт за меѓународни односи, на панел дискусијата „По Берлинскиот процес – иднината на регионот во следната декада“, посветена на Западен Балкан.