Димитров на покана на Коѕиас ќе учествува на состанокот на Вишеградската група

227

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, на покана на својот грчки колега, Никос Коѕиас, ќе учествува на вториот состанок во проширен состав на министрите за надворешни работи од Балканот и Вишеградската група, во таканаречениот формат „Балкан 4 плус Вишеград 4 плус“, што ќе се одржи на 10 и 11 мај, во Сунио, во близина на Атина, информираат од МНР.

– Покрај стандардниот формат од минатата година во Будимпешта, каде учествуваа министрите за надворешни работи на четирите земји членки на ЕУ од Балканот – Грција, Бугарија, Хрватска и Романија, плус Словенија, за прв пат се поканети и земјите – кандидати од овој регион Албанија, Македонија, Србија и Црна Гора, плус Босна и Херцеговина. Земјите од Вишеградската група ќе бидат претставени од министрите за надворешни работи на Полска, Унгарија, Чешка и Словачка – се вели во соопштението.

Главната дискусија на состанокот е насловена „Иднината на Европа и проширувањето на Европската унија“, на која се очекува воведни излагањa и свои видувања да изнесат проминентни академици и експерти.

Министрите ќе имаат прилика да се осврнат и на прашањето околу енергетската безбедност и нејзиното значење за регионалната и меѓу-регионалната соработка.

Се очекува, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на маргините на состанокот да одржи и повеќе билатерални средби.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...