Прашања поврзани со односите на ЕУ со Кина и заедничките интереси и предизвици на Европската унија и земјите од Западен Балкан како земји кандидати за членство во Унијата биле тема на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати, на кој учествуваше министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Шефот на македонската дипломатија на состанокот, што вчера и денеска се одржа во Букурешт, учествуваше на покана на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини и министерот за надворешни работи на Романија, Теодор Мелешкану, во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ.
Во рамки на состанокот, како што информира МНР, се реализираше и неформален ручек посветен на земјите кандидати, кои, заедно со земјите членки на ЕУ, дебатираат на тема „Иднината на регионот”.
– Во дискусиите Димитров истакна дека интересите и предизвиците на ЕУ се заеднички интереси и предизвици на сите нас како земји кандидати, при што стратешкото партнерство помеѓу ЕУ и Кина е значајно и за партнерството на земјите кандидати со Кина. Тој го потенцираше развојот на економските односи со Кина во рамки на иницијативата ‘Belt and Road’, чиј што составен дел е и процесот 16+1 каде Република Македонија е присутна и кој опфаќа значајни инфраструктурни проекти – се вели во соопштението од МНР.
Во контекст на иднината на регионот како и очекувањата на Република Македонија во претстојниот период, министерот Димитров нагласил дека позитивната приказна која Македонија ја создаде преку преземањето храбри чекори и затворање на отворените прашања со соседите, но и напредување во реформите дома, е значајна како за регионот, така и за Унијата.
– Она кон што се стремиме е да почнеме со процесот на преговори и да добиеме шанса за фер реформски натпревар во регионот. Очекуваме се што направивме до сега и се’ што ќе направиме во следните месеци да биде препознаено преку одлука за почеток на пристапни преговори во јуни 2019 година – рекол Димитров.
Тој потенцирал и дека е важно целиот регион да покаже зрелост, поделена одговорност како и да ги забрза реформските процеси во периодот што претстои. Македонија, рекол, ќе вложи напори и понатаму да извезува добри вести и да покаже континуиран напредок со што ќе ги увери партнерите од ЕУ за сопствениот кредибилитет како иден сојузник.
На маргините на состанокот министерот Димитров реализираше повеќе билатерални средби со своите колеги од Бугарија, Грција, Ирска, домаќинот Романија, Хрватска и Словачка, како и разговори со повеќе други колеги.