Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската – потесна соработка, поголема трговија и волја за решавање на проблеми. За прв пат во историјата на мојата земја, немаме проблеми со ниту еден сосед. Разлики ќе постојат, но полесно се совладуваат доколку односите со соседите се пријателски. Токму тоа ние го направивме, станавме партнери и пријатели со сите наши соседи.
Ова денеска во Трст го порача министерот за надворешни работи Никола Димитров кој учествува на состанокот на Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централно европската иницијатива (ЦЕИ).
Во контекст на позитивните ефекти од добрососедската политика и соработка, Димитров ги наведе и предизвиците кои може да се надминат единствено со заеднички напори, континуирана соработка и доверба.
– Проблем на една земја, претставува проблем за сите во регионот. Исто така, прогресот и добрите вести на таа земја, се пренесуваат и на останатите. Нашата визија за регионалната соработка е ова второто – сите да помогнат каде што има проблем, но и сите да го поддржат добриот пример – рече Димитров.
Министерот Димитров се осврна и на потребата за поблиска соработка на ЦЕИ со ЕУ, во рамките и духот на европските вредности. За време на пленарниот состанок, претставниците на земјите-членки на ЕУ, покрај за придобивките на регионалната соработка во светло на 30 годишнината од постоењето на ЦЕИ, во своите обраќања го истакнаа како круцијално носењето на одлука за започнување преговори на нашата земја со ЕУ без одлагање.
На крајот на Состанокот беше усвоена Декларацијата Трст во која беше потврдена важноста на проширувањето на ЕУ во регионот на Западен Балкан, истакнувајќи го значењето на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, за целиот регион.