Димитров: Крајно време е Регионот да почне да се натпреварува на планот на реформи, наместо на планот на историја

86

И покрај многуте предизвици и противења, уверен сум дека после пет години ќе се прашуваме зошто ова не било направено уште на почетокот на деведесетите. Исто сум уверен дека токму Балканот овој пат ќе покаже дека чудата се можни, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во обраќањето во Фондацијата Роберт Шуман на тема „Европската перспектива на Македонија по Договорот со Грција” во Париз.

Во однос на процесот на проширување, Димитров посочи дека е од исклучителна важност ценење на постигнатото низ меритократски принципи, и следната година и формално да се отвори патот на Македонија за пристапување.

– Крајно време е Регионот да почне да се натпреварува на планот на реформи, наместо на планот на историја. И за самата ЕУ, европеизацијата на Балканот е позитивна работа. Потребна е само визија и храброст за донесување големи одлуки со долгорочни придобивки – рече Димитров.

Во Националното Собрание на Француската Република, Димитров оствари средби со претседателката на Комисијата за надворешни работи Мариел де Сарнез и со пратениците Бернар Сор, Лилиана Танги, Фредерик Ле Пети, Седрик Вилани и Жан-Франсуа Елиау. На средбите стана збор за европската перспектива на Република Македонија и за спроведувањето на неопходните реформски приоритети со цел почеток на пристапни преговори со Европската унија, како и за значењето на поддршката на Франција во тој поглед. Притоа беше заклучено дека европеизацијата на Балканот и консолидацијата на ЕУ се комплементарни процеси.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...