Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денес во Варшава, присуствуваше на седницата на Сенатот на Република Полска, на која беше изгласана согласност за Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО. По минатонеделното гласање во полскиот Сејм, со денешната согласност во Сенатот, Полска и формално го заврши процесот на ратификација на Пристапниот протокол, како 11-та по ред од земјите-членки на НАТО.
– Благодарни сме на Полска, која оваа година одбележува 20 години од пристапувањето во Алијансата и 15 години од зачленувањето во Европската унија, што континуирано ги поддржува нашите напори за реализација на стратешките определби за интегрирање во ЕУ и НАТО. Длабоко сме уверени дека таквата поддршка и партнерство ќе продолжат и во иднина – изјави Димитров.