Дводневната конференција на тема „Грчката активна надворешна политика во 21 век”, ќе се одржи во амфитеатарот на Министерството за надворешни работи на Грција, а ќе има пет тематски дискусии, од кои последната е посветена на регионот.
За Балканот и Југоисточна Европа во сабота напладне ќе дискутираат министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров и поранешните шефови на албанската и бугарската дипломатија, Дитмир Бушати и Даниел Митов.
По панелот за „Промените на Балканот“, ќе му биде доделена награда на поранешниот министер за надворешни работи на Грција, по што ќе следи и обраќање на Никос Коѕијас, со што ќе заврши конференцијата.
За време на посетата на грчката престолнина, според информациите на дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи ќе одржи и билатерални средби.
Поканата до Димитров да учествува на конференцијата, ја откри, уште на крајот од минатата година поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас во интервјуто за МИА.
– Мојата катедра за меѓународни и европски студии подготвува конференција во март за 20 годишното постоење. Тоа е најголемата катедра за меѓународни и европски студии во цела јужна Европа и во целиот Медитеран, и за 4 години откако јас започнав како министер за надворешни работи и го поканивме да дојде на 15 и 16 март, да дојде, на последната тркалезна маса на која ќе разговараме за иднината на Балканот. На катедрата имаме и добри експерти за Балканот, ќе поканиме и од Солун добри слависти. Се надевам ќе дојде – рече тогаш Коѕијас во разговорот со дописничката на МИА од Атина.