Димитров и Коѕијас на нова рунда преговори во Охрид

114

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров и неговиот грчки колега Никос Коѕијас денеска во Охрид ќе имаат средба како дел од најновата рунда преговори за надминување на проблемот што Грција го има со уставното име на Република Македонија.

И двајцата дипломати во пресрет на денешната средба истакнаа дека очекуваат позитивен напредок во разговорите, во насока на натамошно зближување на позициите, но далеку од решение за кои Атина инсистира на уставни промени за кои Македонија смета дека не се потребни.

– Се надевам на прогрес и мислам дека однесувањето на Грција и Македонија во однос на процесот сигнализира дека процесот е во деликатна фаза и фокусирани сме токму на овие разговори. Се надевам дека ќе ни помогне што оваа рунда се одржува во Охрид – изјави Димитров пред средбата со Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија вчера во Белград пред да отпатува за Охрид рече дека дека е направен чекор напред во решавање на спорот за името и оти за негово затворање е потребен компромис.

– Реализам и прагматизам е клучот на решението. Потребен е компромис, но не гнил компромис. Двете страни мора да разберат дека не можат да добијат се – рече тој по средбата со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Опсегот на употреба на името, односно грчкото барање за ерга омнес и ревизија на македонскиот Устав се неопходните предуслови што ги бара Атина за постигнување решение, додека пак за Скопје јазикот и идентитетот се критичните точки. Овие четири прашања, според текстовите во грчките медиуми од изминатиот период, се главните разлики што постојат во позициите на двете земји во пресрет на денешната средба во Охрид.

Коѕијас синоќа допатува во Охрид, каде имаше работна вечера со неговиот домаќин Димитров.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...