Работна вечера имаа синоќа шефовите на македонската и на грчката дипломатија Никола Димитров и Никос Коѕијас во Виена, по заедничката средба со специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц. Со вечерата, шефовите на двете дипломатии ги завршија вчерашните разговори во австриската престолнина.
– Иако климата е многу позитивна, јасно е дека за да постои деблокада на актуелната ситуација, власта во ПЈРМ ќе треба да донесат сериозни одлуки за спорните прашања кои во фокусот го имаат ерга омнес. Се чини дека за раководството во соседната земја, употребата на новото име во внатрешноста е особено тешка работа, како и ревизијата на Уставот. Сепак, постои напредок во поединечни прашања што се однесуваат на конкретната тема, пишува „Катимерини“.
Според грчки дипломатски извори, средбата со Нимиц, што траеше околу четири часа беше уште една средба, корисна како и останатите, во рамките на процесот. Процесот, споменуваат изворите, ќе продолжи во следните седмици, објавува атинското радио „Атина 984“ и додава дека во суштина за време на вчерашните разговори не бил направен напредок, „бидејќи двете страни се чини дека останаа на нивните познати позиции“.
Официјална Атина, судејќи според вчерашната изјава на портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, очекува од Македонија да направи отстапки, а останува на ставот дека новото име треба да биде ерга омнес и за внатрешна употреба. На редовниот брифинг со новинарите и странските дописници, Ѕанакопулос во одговор на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во пресрет на средбата во Виени, рече дека во рамките на преговорите, „грчката страна ги има направено нејзините отстапки, има стигнато до средината на мостот и во овој момент, време и за поранешната југословенска Република Македонија да ги направи неопходните чекори за да стигнеме до заемно прифатен договор“.