Димитров и Коѕијас вежбаат ментална гимнастика со варијантите за името

628

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас на маргините на денешната квадрилатерална средба во Солун истражувале опции и комбинации за потешките прашања од преговорите за името, кои би биле прифатливи за двете страни.

– Знаете дека разлики сѐ уште има. Ова што вчера и денеска го правевме е испитување комбинации, кои едната или другата страна, би можеле да ги прифатат и тоа е нашата задача. За овие елементи треба да разговараме и дома и да ја искористиме и следната средба – рече Димитров по средбата.

Тој истакна дека прашањето е комплексно и влогот е многу голем.

– Многу денови и ноќи минавме за да ги разбереме чувствата, што ни пречи нам, а што на грчката страна – нагласи македонскиот министер, додавајќи дека со Коѕијас ќе се видат следната недела на состанокот во Сунио, во близина на Атина.

Димитров нагласи дека главните разлики остануваат во однос на прашањето за промена на Уставот, што го бара грчката страна и прашањето за опсегот на употреба.

– Целта на преговорите е да најдеме чесно, одржливо и трајно решение, што и двете страни ќе можат да го прифатат. Главно е дека решението треба да продуцира пријателство, а не фрустрации. Само такво решение ќе биде одржливо и трајно – додаде тој.

Димитров појасни дека доколку се дојде до взамено прифатливо решение посредникот на ОН Метју Нимиц ќе изготви извештај, со кој ќе го информира СБ на ОН дека двете страни успеале да ја надминат разликата и со тоа правно ќе се затвори процесот.

Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас на прес-конференцијата во Солун изјави дека има впечаток оти другата страна верува оти е дојдено крајно време прашањето да се реши и оти смета дека има извесен напредок во преговорите.

– Сега тие треба да го донесат нивниот компромис. Сметам дека тоа се луѓе со добра волја и оти може да демонстрираат политичко лидерство – рече Коѕијас.

Според него, на двете страни им е јасно дека не треба да се гледа кусогледо, туку треба да се фокусираат на решавање на проблемот.

– Сите созреавме преку преговорите, тоа не го мислиме само ние туку и другата страна и се надевам никого нема да разочараме – рече Коѕијас.

Димитров информира дека на маргините на состанокот имал средба и со шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева, со која разговарале за конкретните чекори, што може да ги преземе бугарското претседателство со ЕУ за да се донесе политичка одлука за почеток на преговори на Самитот на Унијата во јуни, имајќи ја предвид чистата препорака.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...