Димитров за ставот на БАН: Лесно е да се растури, тешко е да се гради – македонскиот јазик е меѓународно признат

501

Во 21 век, во Европа, правото на самоопределување и самоизјаснување е неспорно. Односите меѓу две држави, за да бидат пријателски и блиски, претпоставуваат почитување на тоа право и на достоинството на другиот, напиша на Фејсбук министерот за надворешниработи Никола Димитров во врска со ставот на Бугарската академија на науките за македонскиот јазик.

– Македонскиот јазик е еден од јужнословенските јазици. Стандардниот македонски јазик е официјално кодифициран во мај 1945 година, врз основа на централните говорни форми во тогашна Македонија. Беше еден од трите официјални јазици и во поранешна Југославија, а присутен е во ОН уште од 70те години на минатиот век. Македонскиот јазик има свој историски развој и е признат од меѓународната заедница на лингвисти, наведува Димитров.

Посочува дека историскиот процес што го почнавме со соседна Бугарија, за да води кон вистинско зближување и пријателство, за да руши стравови и предрасуди, претпоставува взаемно прифаќање.

– Прифаќање на периодот на заедничка и испреплетена историја што ги поврзува бугарскиот и македонскиот народ, но и на сегашноста – македонски народ што говори македонски јазик. За овој процес да успее, на двете страни им треба мудрост и деликатност, големина во разбирањето и почитувањето на грижите и достоинството на другиот. Лесно е да се растури, тешко е да се гради, вели шефот на дипломатијата Никола Димитров.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...