Заслужуваме чиста одлука за почеток на преговори, но политиката е уметност на можното и ќе сториме се што можеме, ќе вложиме максимален напор за да одиме напред, нагласи шефот на македонската дипломијата Никола Димитров денеска на дебатата, што се одржа во рамки на Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ во Лондон, на тема „После Берлин: Што носи следната декада за Западен Балкан?“.
– Граѓаните на ЕУ мора да разберат дека процесот на проширување може да не трансформира. Ние правиме грешки, но исто така и ги поправаме грешките. Процесот на пристапување е можност за трансформација на општествата – рече Димитров и додаде дека поради политичката криза со која се соочуваше Македонија, јавноста во земјата стана лута и мошне критична и повеќе не толерира грешки.
Додаде дека македонската Влада работи рака под рака со цивилното општество со цел да се спроведе таа транформација.
Димитров нагласи дека патот за Македонија и Албанија за отворање на преговорите води кон јуни следната година и додаде дека нашата земја оваа недела очекува и покана за членство во НАТО.
Пристапувањето на земјата во ЕУ и НАТО, додаде министерот, ќе има смирувачки ефект во целиот регион и ќе испрати сигнал дека земјите во Западен Балкан остануваат на патот.
– Иако сакаме рокови, датуми, поважно од тоа е да имаме точен датум и нашите земји да ги направиме европски. Ако утре се приклучиме Македонија ќе биде истата земја, потребен ни е процесот на пристапување како алатка за трансформација – додаде шефот на дипломатијата.
Рече дека додека разговарал со британски новинар бил прашан: „Зошто сакате во ЕУ, кога ние си одиме“, на што одговорил: „Вие внатре не знаете колку е студено надвор“.
Одговарајќи на прашање што доколку референдумот оваа есен не успее или пак, што доколку успее, а Македонија следната година не ги почне преговорите, Димитров нагласи дека референдумот претставува историска крстосница и оти големи се шансите дека граѓаните ќе го поддржат договорот.
– Една од главната лекции во минатото ни беше како национализмот се користеше за покривање на корупцијата и злоупотребата на службената должност. Ова е борба меѓу минатото и сегашноста, национализмот и патриотизмот, чувството дека сме жртва, дека соседите се лоши. Ќе го сториме најдоброто и верувам дека ќе биде доволно. Верувам дека луѓето во Македонија во минатото правеле мудри избори на вакви историски крстосници. Подобро е опозицијата повеќе да мисли на земјата, отколку на својата политичка кариера, но сите ќе созрееме во тој процес – рече Димитров.
Во врска можноста следната година да почнеме преговори Димитров нагласи дека не сака да прогнозира и додаде дека тоа што ќе се случи следниот јуни ќе биде тест за сите, колку е кредибилен процесот на проширување.
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан истакна дека референдумот е слободен избор на граѓаните, а не ситуација во која нешто им се наметнува и додаде дека доколку земјата ги исполни условите, земјите-кандидатки се обврзани да реагираат позитивно.
Потсети дека во февруари беше презентирана Стратегијата за Западен Балкан, која, како што рече, предизвика, акции и реакции, а едната од нив е најавата дека ЕУ повеќе нема да прифаќа нови членки со нерешени конфликти и спорови со соседите.
– Тоа креира уште повеќе енергија да се решат одредени прашања, а највидливо и највпечатливо беше решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција и сега треба да се стори се за земјата да ги увери граѓаните во исправноста на оваа одлука – додаде Хан.
Нагласи дека лансирањето на Стратегијата ги принудило и земјите-членки во ЕУ да се соочат со подобрување на структурата на самата Унија, начинот на кој фунционира.
– По Стратегијата патот за земјите од Западен Балкан е појасен – додаде Хан и рече дека споменатата 2025 година, значи дека преговорите треба да бидат завршени до 2023 година.
Берлинскиот процес, е иницијатива лансирана во 2014 година, со цел да се одржи моментумот на реформи во регионот и во себе вклучува земји-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан.