Димитров: Заедничките историски моменти добар предуслов за блискост и соработка

128

Скопје и Софија имаат многу заеднички историски моменти и личности и тоа е добар предуслов за блискост и соработка, а не за конфликти, изјави во интервју за БТВ министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој денеска престојува во официјална посета на Бугарија.

– Македонците и Бугарите не можат да бидат блиски ако меѓу нив нема заемна почит – вели Димитров.

Шефот на дипломатија во интервјуто се осврна и на Договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор за името и се отвори патот на Скопје кон ЕУ и НАТО.

– Поради името бевме заглавени во чекалната на ЕУ и НАТО, но најдовме начин да го промениме тоа, а истовремено да го зачуваме и потврдиме идентитетот – ние сепак сме Македонци – рече Димитров.

Министерот за надворешни работи, исто така, ги коментираше претстојните претседателски избори во Северна Македонија и спомнувањето на неговото име како можен кандидат.

– Многу скоро ќе се знае околу кој кандидат ќе се обединиме. За мене е чест што моето име се спомнува како претседателски кандидат. Тоа е одговорна работа – вели Димитров.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, во рамките на посетата на Софија, денеска ќе се сртене со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, а ќе биде примен и од претседателот Румен Радев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...