Димитров е убеден дека референдумот ќе успее

Не сите граѓани можат да проценат геополитички во каква состојба е Балканот и кои се можните компликации ако ние не успееме и ако се вратиме во чекалната и што ќе биде со Македонија за пет или 10 години од денес, истакна министерот за надворешни работи.

340

Убеден сум дека референдумот ќе успее, бидејќи ние секогаш кога имаме крупна историска раскрсница избираме мудро и мислам дека така ќе биде и во овој случај, ова го рече денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров на  тркалезната маса „Евроатлантска иднина за Македонија?”.

Референдумот, како што посочи тој, е политичка легитимација на правецот по кој ние мислиме дека треба да одиме.

– Решивме храбро, искрено и отворено да им погледнеме во очи на проблемите. Успеавме да затвориме еден спор што не влече назад три децении и да ги отвориме вратите кон иднината. Се работи за нашата стабилност и безбедност, за нашата финансиска благосостојба и за пристап до најдобрата алатка за реформа што постои, а тоа се пристапните преговори со ЕУ. Решението е тука, до сите нас како граѓани е да одлучиме дали ќе одиме напред кон иднината и интеграциите или ќе одиме назад кон изолација – рече Димитров и додаде дека нема друга алтернатива за патот напред.

Многу важно е, како што истакна министерот, што успеавме во овој компромис да го сочуваме она што ни е најважно, а тоа е идентитетот и идентитетските прашања.

– Многу е важно оваа втора шанса на нашата генерација да се затрчаме и да го фатиме возот – додаде Димитров.

На прашање дали може да се очекуваат нови избори доколку договорот не добие поддршка, Димитров рече дека сето тоа е второстепено во однос на одлуката што треба да се донесе на референдумот.

– Мислам дека од аспект на влогот што го имаме со референдумот се друго е многу маргинално. Изборите имаат врска со партии кој е на власт, кој е во опозиција, а пред нас е едно многу важно прашање кое е за иднината на Македонија и за иднината на сите нас – рече Димитров.

Во однос на тоа што опозицијата не го соопштува својот став околу референдумот, Димитров рече дека историските одлуки бараат чесен однос кон граѓаните и одговорност.

– Не сите граѓани можат да проценат геополитички во каква состојба е Балканот и кои се можните компликации ако ние не успееме и ако се вратиме во чекалната и што ќе биде со Македонија за пет или 10 години од денес – истакна Димитров.

Тркалезната маса е во организација на Институтот за европска политика, Институтот за демократија „Социетас цивилис” и Центарот за економски анализи, а во соработка со Аспен институтот од Берлин. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...