Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска се сретна со министерот за Ерусалим и за заштита на животната средина на Државата Израел, Зеев Елкин, кој престојува во Република Северна Македонија по повод одбележувањето на 76 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи, соопшти МНР.
Димитров и во оваа прилика го потенцираше значењето што Република Северна Македонија го придава на културата на сеќавање и изучување на Холокаустот, укажувајќи дека наша обврска е да го чуваме споменот на Холокаустот и да се бориме против обидите за негово негирање и релативизирање, како и против антисемитизмот и сите останати облици на расизам и нетолеранција.
Министерот Елкин истакна дека Израел високо ги вреднува придонесот и активностите на Република Северна Македонија во чувањето на споменот и изучувањето на Холокаустот и изрази задоволство што има можност и лично да се увери во посветеноста на нашата земја на овој план.
Министрите Димитров и Елкин изразија задоволство од развојот на пријателските односи меѓу двете земји, при што ја нагласија неопходноста од натамошен фокус врз економијата, туризмот и соработката во доменот на високите технологии.
…