Видувањата за најновата состојба во билатералните односи, состојбите во регионот, како и неговата европска перспектива по исходот на последниот Европски совет, биле главните теми на денешната средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров со неговиот грчки колега Никос Дендиас на маргините од Светскиот економски форум во Женева на тема „Стратешки дијалог за Западен Балкан“.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Димитров изразил задоволство од досегашната соработка со Грција и нивниот ангажман во полза на започнувањето пристапни преговори на С. Македонија со Европската Унија.
Во тој контекст, Димитров, како што се посочува во соопштението, го нагласил очекувањето Грција да продолжи да биде наш силен поддржувач и промотор на нашата интеграција во ЕУ.
Двајцата министри се согласиле за можностите за унапредување на политичкиот дијалог и интензивирањето на билатералната соработка во сите области од заеднички интерес, преку понатамошната имплементација на Преспанскиот договор.
Димитров е дел од делегацијата предводена од премиерот Зоран Заев, која учествува на состанокот организиран од Светскиот економски форум на тема „Стратешки дијалог за Западен Балкан“.