Димитров доби поддршка од американски сенатори и експерти

308

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи Никола Димитров оствари средби во американскиот Сенат и со повеќе експерти, професори и истражувачи од невладината заедница во Вашингтон, соопшти МНР.

На средбите со претседавачот на Комитетот за надворешни односи во Сенатот на САД, сенаторот Боб Коркер и со претседавачот на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, сенаторот Рон Џонсон, беше реафирмирана важноста на македонско-американското партнерство и сојузништво, и значењето на натамошната поддршка на САД на евро-атлантската иднина на Република Македонија.

Министерот Димитров се заблагодари за досегашната поддршка на американските сенатори и го истакна очекувањето за натамошна клучна улога на САД, а особено на американскиот Сенат, до очекуваното зачленување на Република Македонија во НАТО. Сенаторите ја поздравија храброста и одлучноста на Република Македонија во решавањето на спорот околу името, и истакнаа дека Вашингтон со задоволство ја дочека Спогодбата меѓу Република Македонија и Грција. Нагласија дека Македонија е светлата точка на Балканот која има целосна двопартиска поддршка на патот кон НАТО во Сенатот и САД ќе продолжат и натаму со несмалено темпо да работат на исполнување на евро-атлантската иднина на државата.

На одделните средби со претставници од Фондацијата Херитиџ, Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот Џонс Хопкинс и на Германскиот Маршалов Фонд на САД, се разговараше за актуелностите во процесот на зачленување на Република Македонија во НАТО и ЕУ, и клучните постигнувања на надворешно-политички план, со посебен акцент на Спогодбата со Грција.

Како долгогодишен поддржувач и промотор на членството на Република Македонија во НАТО, Лук Кофи истакна дека фондацијата Херитиџ ќе продолжи и натаму да придонесува кон оваа цел, бидејќи тоа е во интерес на Република Македонија, регионот и на САД. Кофи нагласи дека членството во НАТО, покрај стабилност, носи и странски инвестиции, а тоа ја помага економијата и отвора нови работни места.

Мајкл Халцел, Даниел Сервер и Едвард Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот Џонс Хопкинс го поздравија потпишувањето на Спогодбата со Грција и ја посочија Македонија како редок позитивен и успешен пример на Балканот на решавање на отворени прашања. Истакнаа дека Република Македонија се наоѓа во многу значаен момент за нејзината европска и евро-атлантска иднина и повикаа на мудрост и одговорност на сите во земјата, изразувајќи надеж дека Македонија ќе го заокружи овој важен и предолг процес и ќе ја осигура нејзината стабилност, безбедност и натамошен развој.

Вечерва по македонско време, министерот Димитров ќе се сретне со државниот секретар на САД, Мајкл Помпео.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...