Да се обезбеди една политичка и јавна атмосфера да се обезбеди простор за една темелна, вистинска непристрасна истрага за да се расчистат валканиците што излегоа на виделина, побара шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за ТВ21.
Тој нагласи дека истрагата треба да биде целосна, непристрасна, да нема човек над законот, без разлика на каква позиција е или бил, бидејќи ова е исклучително важно прашање за државата.
– Факт е дека имаме скандал, факт е дека таа истрага е исклучително важна и мислам дека треба да разговараме за тоа како што треба да разговараме и за законот за јавно обвинителство – рече шефот на дипломатијата.
Димитров во интервјуто истакна дека не очекува дека сето ова ќе влијае на евроинтеграциските процеси на земјата, доколку целосно се расчисти случајот „Рекет“ и ако се донесе законот за јавно обвинителство, иако вели секогаш ќе има прашања кои може да се користат како алиби за да се попречи патот.
-Мислам дека нашите шанси за октомври се изгледни, мислам дека ќе помогне ако додаваме аргументи на ова што досега го направивме колку повеќе ќе расчистиме до октомври, шансите ќе растат – рече Димитров и додаде дека мора да заврши времето на неказнивост и затоа мора целосно да биде расчистен случајот, бидејќи и самото СЈО беше формирано за да се бори со таа неказнивост.