И покрај тешката политичка ситуација во Европа денес, претстојните Европски избори, сите прашања кои се поврзани со тоа, едноставно го немаме луксузот да не успееме во создавањето на успешни приказни, рече шефот на македонската дипломатија Никола Димитров Во Берлин на настан коорганизиран од парламентарните групи на Зелените и на германската секција на Унијата на Европските Федералисти, во која членуваат пратеници од четири политички партии – ЦДУ/ЦСУ, Социјал-демократите, Зелените и Либералите.
– Мојата земја денес, Северна Македонија, е успешна приказна која треба да биде охрабрена и поддржана ако сакаме да направиме разлика. Најголемата научена лекција од сето ова е дека ние можеме да направиме разлика. Ништо од ова, ниту помирувањето, ниту Преспанскиот Договор не беше неизбежно. Напротив, се случи бидејќи ние тоа го направивме, заедно со лидерството во Атина – рече Димитров.
Зборувајќи како главен говорник на темата „Западен Балкан по решавањето на прашањето за името: постигнувања, предизвици и перспективи“, Димитров се осврна на искуствата од решавањето на спорот со Грција и предизвиците за натамошната имплементација на Преспанскиот договор, притоа потенцирајќи ги значењето и придобивките од Договорот за земјата и Регионот. Во таа смисла, министерот потенцираше дека Договорот претставува добра вест за целиот Регион и ЕУ, и пример за тоа дека преку визионерско лидерство и јасна европска перспектива на Балканот се можни решенија дури и на најделикатните отворени прашања. Препознавање и зацврстување на придобивките од Договорот, заедно со резултатите во делот на домашните реформи, ќе претставува валоризација на системот на заслуги и условеност и јасен сигнал за Европската иднина на целиот Регион.
Навраќајќи се на потребата од одржување на дофатлива европска перспектива и активен европски ангажман во Регионот, Димитров истакна:
– Јас искрено верувам дека ангажираниот однос со нашиот регион, признавањето на напредокот и неговото наградување е не само правилниот пристап, туку и помалку скапиот пристап. Неангажираноста би била далеку поскапа. Ова го видовме и преку мигрантската криза во 2015/6 и важноста на Западниот Балкан за безбедноста на самата Европска Унија. Мислам дека иднината на регионот е европска, нема алтернативна стратегија. Иако поголемиот дел од работата е на нас дома, сите мораме искрено и отворено да размислиме што ќе правиме со овој регион. Доколку сакаме државите во регионот да ги направиме европски, каде владее правото, постојат функционални спреги и кочници и подобри економии, тогаш единствениот пат е пристапниот процес.