Благодарни сме за силната поддршка од Естонија за нашата европска перспектива. Естонија и Балтикот се пример за тоа како еден регион може да се обедини позади заедничките интереси и да создаде позитивна соседска динамика. Како земја и како регион можеме многу повеќе да постигнеме доколку следиме вакви примери и се фокусираме на утрешнината, истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров на средсбата со премиерот на Естонија, Јури Ратас, во Талин.
Во фокусот на средбата со колегата Урмас Реинсалу, наведуваат од МНР, повторно беше европската перспектива на земјата и важноста од валоризација на постигнатото и искористување на позитивниот моментум. Воедно беа разгледани прашања поврзани со идното сојузништво во НАТО и искористување на потенцијалот за збогатување на меѓусебната соработка во одредени сфери, пред се во делот на образованието и дигиталната технологија.
-Не охрабрува посветената и недвосмислена поддршка на Естонија за нашата европска иднина. Направивме целосен пресврт и продолжуваме со посветена работа дома во делот на реформите и надвор со нашите соседи и меѓународни партнери. Создадовме ретко успешна приказна која треба да биде препознаена и зацврстена преку отворање на пристапните преговори со ЕУ. Тоа ќе биде силен мотив за нас и јасен сигнал за целиот регион – потенцира Димитров на средбата.
Пред претседавачот Ен Есма и членовите на Комитетот за надворешни работи, Димитров исто така се осврна на напредокот на Северна Македонија во делот на клучните реформски области и добрососедската политика, како силни аргументи за добивање зелено светло и отпочнување на следната фаза од процесот на интеграција во ЕУ до крајот на годинава. Беше разговарано и за текот на парламентарната процедура за ратификација на пристапниот протокол за нашето членство во НАТО, при што естонските пратеници уверија дека очекуваат процедурата да биде заокружена во наредните недели. Воедно беа разменети мислења и за можностите за унапредување на парламентарната соработка меѓу двете земји и регионалната динамика.