Смета дека во дадените околности со Договорот од Преспа е постигнато најдоброто за Македонија, секако и за Грција, направен е баланс. Договорот е најдоброто можно решение за двете страни и ако се помести балансот за да биде подобар за едната или за другата страна, немало да има договор, туку национални позиции.
Во интервјуто за МИА, шефот на македонската дипломатија говори за процесот на договарање, за пријателството меѓу него и Коѕијас, кое се зајакнало во текот на зачестените контакти за време на преговорите, за најкритичните моменти. Често се расправале, но потоа повторно седнувале и разговарале.
Вели дека сериозно размислува за скицирање нацрт за идна книга, запис што ќе остане како своевидно сведоштво за овој важен процес.
Господине Димитров влегуваме во Новата 2019 година со очекување дека ќе биде подобро за земјата и за сите нејзини граѓани. Оваа година беше обележана со постигнување на Договорот со Грција за името. Какво е вашето чувство денеска, неколку месеци по ставањето на потписот, дали сметаме дека го извлековте најдоброто за Македонија?
Да, без помпи, триумфализам, туку едно мирно, сигурно, достоинствено и со чиста совест – ДА. Во дадените околности, апсолутно го постигнавме најдоброто што беше можно. Ако на тоа се додадат и испуштените прилики од минатото, актуелниот регионален и европски геополитички контекст, иднината кон која нашата земја еднаш засекогаш мора сигурно да исчекори, ризиците за Македонија од непреземањето на одговорноста, тогаш можеби е и повеќе од ДА.
Клучот на вратата од непостоењето на договор, удираше најмногу по наша глава. Секако дека имаше мигови на тешко и длабоко преиспитување, консултирање, но на самиот ден на потпишување на Договорот, сите дилеми беа исчезнати. Во Преспа и двете делегации споделуваа чувство на историски момент. Бидејќи беше очигледно дека овој чин е толку поголем од нас, како поединци вклучени во процесот и од севкупната денешна политика. Сите аргументи одат во поддршка на тоа дека овој чин е високо патриотски и од бенефит и за Македонија, за Грција, но и пошироко за регионот. Дека е подобро да потрошиме политички капитал денес, обезбедувајќи долгорочна иднина за сите, отстранувајќи ја котвата што не влече надолу, отколку да го користиме проблемот за да стекнеме краткорочни поени, но на долг рок да бидеме антихерои на каузата.
Преговорите во еден момент се подигнаа на ниво на министри за надворешни работи, имавте чести и интензивни контакти со тогашниот шеф на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Дали преговорите ве зближија како луѓе, како пријатели и дали се уште сте во комуникација со Коѕијас?
Дефинитивно. Никос беше колегата со кого убедливо најчесто се гледав во изминатиов период и низ тие месеци на интензивна комуникација, успеавме да развиеме искрено пријателство кое продолжува да опстојува, независно што Никос повеќе не е шеф на грчката дипломатија.
Често се расправавме, но секогаш повторно седнувавме да разговараме. Во период од една година успеавме да направиме нешто што во претходните 25 години се сметаше за невозможно – да изградиме мост на пријателство и да ги приближиме нашите две земји, преку склучување на Договорот од Преспа. Неговиот личен удел во тој процес, се разбира под лидерството на премиерот Ципрас, беше исклучително важен за процесот.
Кој беше најтешкиот момент од преговорите, дали имаше моменти кога сметавте дека нема да успеат, дека договор нема да биде постигнат?
Сериозно почнав да размислувам за скицирање на нацрт за идна книга, запис што ќе остане како своевидно сведоштво за овој важен процес. Да не се заборави. Уште само да се најде време. Тешки моменти имаше повеќе. Но, препознавањето на уникатноста на моментот, кој би можел да биде и последен барем на подолг рок, сметам дека беше најважниот елемент. Како и нашето созревање низ кризата, бидејќи видовме како божемниот патриотизам, како површна алатка за прикривање на злоупотреби, секогаш работи против долгорочните национални интереси.
Како куриозитет би ја издвоил средбата со Никос од мај годинава, која се случи во Сунио, прекрасно туристичко место близу Атина со ретка убавина и симболика. Мислам дека таа средба беше најкритичниот момент во процесот, бидејќи успеавме да постигнеме клучен пробив без кој било каков успех ќе беше малку веројатен. Често се присетувам на еден разговор со Никос, кога за време на заедничкото разгледување на Храмот на Посејдон инспирирани од митот за кралот Егеј, контемплиравме со идејата и двајцата да дочекаме иста судбина доколку повторно не успееме да постигнеме напредок. Имено кралот Егеј, по чие име според легендата било именувано Егејското море, во момент на очај скокнал од карпата во морето и се удавил. После кратко размислување, со остра мисла и голема харизма, Никос ме утеши дека тој е надарен пливач и дека дури и ако скокнеме, тоа не значи дека нема да продолжиме пливајќи. Таков беше и целиот овој процес. Имаше многу угорнини и падови, емоции и ситуации кога решението изгледаше безмалку недостижно. Така беше на една од средбите во Виена, а и на средбата во Охрид. Но, тоа во ниту еден момент не не поколеба да продолжиме, да ги разбереме разликите и да ги покриеме главните грижи на двете страни за да го затвориме ова децениско прашање.
Од оваа перспектива дали нешто би промениле во пристапот што го имавте?
Со оглед на тоа што долго време бев вклучен во овој процес, не само последнава година и половина, сум посведочил многу различни приоди кон проблемот. Но, она што мислам дека беше клучна разлика овој пат е што од самиот почеток влеговме во процесот со голема верба, широко подадена рака и искреност, како кон нашите грчки пријатели, така и кон домашната и странска јавност.
Пристапот се фокусираше на нештата што не обединуваат, наспроти разликите што со години не делат и оттргнуваат од решение. Призмата или парадигмата што ја избравме се темелеше на прашањето каде и каква сакаме Македонија да ни биде за пет, десет или 30 години, наместо врз тоа што се случувало на овие простори пред две или три илјади години. Решивме да се свртиме кон напред, кон иднината на сегашните и следни генерации и да постигнеме решение кое ќе биде достоинствено и ќе одговори на главните стравови на двете страни. Мислам дека во тоа успеавме, тргајќи еден товар што од самиот почеток, од самата независност, ја влечеше Македонија надолу.
Македонското Собрание го ратификува Договорот, во тек се уставните измени, влегоа во трета фаза. Ќе се истуркаат ли докрај измените, според Ваша проценка?
Жалам што раководството на опозицијата одлучи активно да не учествува на референдумот зацртан во нивната сопствена партиска програма, што резултираше со парадоксална ситуација да имаме далеку повеќе гласови ЗА отколку што се потребни за позитивна одлука, но да недостасуваат гласови ПРОТИВ за да се постигне цензус.
Со тоа одговорноста се префрли во Собранието, создавајќи дополнителен предизвик и обврска при обезбедувањето политичка поддршка за Договорот, да не се загрозат други суштински принципи – исто толку неопходни за иднината и европските перспективи – како што се правдата и одговорноста. Таа линија е тенка, но клучна и суштинска. Моментот е историски и наметнува потреба од голема мудрост, одговорност и визија од сите засегнати чинители да го препознаат и да ја сторат вистинската работа.
Опозициите на двете земји со иста реторика и двете во одбрана на сопствениот идентитет. Ваш коментар на нивните реторики, дали Договорот задира во нечиј идентитет?
Фактот што опозициите во двете земји го напаѓаат Договорот и тоа по прилично исти линии, говори дека имаме ситуација на добар и балансиран компромис за тешко и сложено прашање. Нема друг логичен начин да се објасни јавно прокламираното незадоволство и кај двата опозициони блока. Освен можеби фокусот врз политички поени, наспроти државни интереси. Прашањето точно, било емотивно, тешко, но и долго време или запоставувано или манипулирано заради одредени политички калкулации.
А околу идентитетот и покрај целата комплексност на тој поим, искрено верувам дека со дополнителната географска дистинкција на нашата Македонија, имајќи ги предвид останатите одредби во однос на државјанството, јазикот и пред се сржта на Договорот – членот 7, идентитетот не се губи. Ниту пак се задира во туѓиот. Напротив, конечно се создава перспектива за негово солидно и здраворазумско негување, афирмација и развој, перспектива за негово збогатување со современи достигнувања на сегашните и идните генерации.
Според Ваше мислење од оваа перспектива можеше ли да се постигне подобар договор?
Најдобар одговор на ова прашање е фактот што во 25 годишната историја на овие преговори, само еднаш сме успеале да дојдеме до текст што ќе биде прифатлив за двете страни. Значи само еднаш контекстот бил правилен и политиката во двете земји доволно зрела за решението да биде возможно. Во истиот тој четврт век се менувале владејачки елити, преговарачи и позиции, сме минувале периоди на кризи во меѓусебните односи и на оддалечување, но и периоди на зближување.
Сепак, никогаш порано моментот не бил доволно созреан и политиката во двете земји доволно спремна за да овозможи надминување на ова прашање. Тоа кажува многу како за комплексноста на проблемот, така и за постигнатиот договор. Во оваа смисла, договорот е најдоброто можно решение за двете страни. Ако го поместиме балансот за да биде подобар за едната или за другата страна, нема да има договор, туку национални позиции.
И во Македонија и во Грција има недоверба кај одреден дел од граѓаните во однос на Договорот, според последните анкети во Грција таа недоверба е поголема. Како да се разбијат стереотипите, кои се начините според Вас, граѓаните на двете земји да ги ценат повеќе придобивките од взаемното прифаќање, отколку да ставаат акцент дека некој на некого сака да му украде нешто?
Сето тоа покажува колку долго време не се работело вистински на ова прашање од страна на политичките елити од двете страни. За одредени процеси, во услови на наталожени анимозитети и недоверба, потребно е време. Потребно е растење и кај двете страни. Со овој Договор ние го отвораме токму патот, вратата од училницата за полагање на тестот на зрелоста.
Отсекогаш сум се залагал и во најтешките моменти во односите меѓу двете земји, да нема прекини во комуникацијата меѓу граѓаните било преку туризам, инвестиции и други форми на размена. Но, она што сега се создава е една можност конечно после толку време и јавно-политичкиот дискурс да биде растеретен од ова прашање и да се создаде простор за рационална, здрава дебата, растоварена од негативни предрасуди и стереотипи. И двете општества се жедни за отворени аргументации и објективни информации. И двете општества, не само географски блиски, споделуваат и толку многу слични стравови, аспирации, предизвици.
И редно време е, таа енергија да ја тргнеме од доменот на опскурноста, недовербата, нетолерантноста и да ги осветлиме силите насочени кон развивање на соработката и пријателството и кон адресирање на современите предизвици од важност за граѓаните на двете земји. Впрочем и самиот Договор во многу свои одредби говори токму за идната соработка меѓу двете земји и нивните граѓани во повеќе области.
Веќе отпочнаа да се разгледуваат неколку иницијативи за интензивирање на контактите и соработката меѓу младите во Република Македонија и Грција, а во тек се и низа други за унапредување на соработката во низа области. Но, она што Договорот го овозможува е конечно, после долги години, да почнеме да разговараме за реални теми и прашања. Со едно чувство што јас лично сум го осетил во меѓусебната комуникација со соседите по потпишувањето на Договорот, а ми го пренеле и многу други луѓе. Чувство на една зголемена релаксираност, на едно постепено осознавање и соочување со прашањето и кај двете страни: Па добро, зошто ова не го сторивме порано? Убеден сум, дека со исправни политики и отвореност, огромно мнозинство од двете страни на границата ќе го постави ова прашање за само неколку години. Зошто ова не го сторивме порано?