Нема кратење на надоместоците што им следуваат на класните раководители во дел од училиштата во Куманово. Сите побарувања ќе им бидат исплатени, изјави денеска градоначалникот Максим Димитриевски, кој реагираше по објавувањето на интерен документ на социјалните мрежи доставен од Секторот за финансиски прашања до одредени училишта во градот.
Овој надоместок ќе се исплати со ребалансот на буџетот за кој денеска одлучува Советот.
– Професорите ќе бидат исплатени, во декември со заостанатите надоместоци – дециден е Димитриевски, појаснувајќи дека станува збор само за неколку училишта.
На оваа тема и за останатите ставки од блок дотациите, Димитриевски најави дека утре ќе разговара на средба во Министерството за образование и наука.
Протекувањето на ваков документ, според Димитриевски, е манипулација што ја користат поединци вработени во образованието и ги повика надлежните органи да спроведат постапка.