Случајно движење на раката, и книгата се отвора на страница со лингвистичка карта на Европа, публикувана во Атласот за европските работи од 1964. На картата, македонскиот јазик стои во полно достоинство со другите четириесет и еден европски јазици. Како стасал нашиот јазик на европската карта на јазиците пред четириесет и три години?
Достигнувањето е дело на генерацијата наши претходници, родена во првите децении на дваесеттиот век, во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна Кралството Југославија. Изложена на српска асимилација, но свесна за својата посебност, младата генерација „јужносрбијанци“, го зграпчува историскиот момент на војни и револуции за да го прокламира раѓањето на македонската нација во рамките на федерацијата на јужнословенски народи. Така, радикалниот дел од интелектуалната елита на еден народ разлеан по рабовите на три посилни балкански држави, ја создава сопствената нација. Се обистинуваат зборовите на Крсте Мисирков: „не сме нација, но ќе станеме“!
Отфрлајќи го своето српство, но и бугарството на родителите, некогашниот Владимир Малевиќ, образуван во српската гимназија во Битола и на правниот факултет во Белград, се посветува на создавањето на македонскиот литературен јазик. Коле Чашуле раскажува дека, непосредно по војната, оделе по селата со магариња и собирале зборови, онака како што селаните собирале дрва. Такви, „прости и строги“, би напишал Блаже Конески, биле почетоците на нашиот макотрпен пат до лингвистичката карта на Европа.
Распаѓањето на југословенската федерација во 1991, ја наложи неопходноста македонскиот јазик и национален идентитет да се заштити во границите на сопствена суверена држава. Со приемот во Обединетите нации во 1993, и таа цел успешно е остварена: државата Република Македонија е зацртана сега веќе и на политичката карта на светот.
Меѓутоа, не сите гледаат на македонското минатото, па оттаму и на сегашноста и на иднината, со вакви очи. Она што за некои е достигнување, за други, сѐ уште е измама. Имено, во современата македонската демократија постојат политички опции кои на поновиот тек на нашата историја гледаат исклучиво како на комунистички заговор. Разобличувањето на заговорот, пак, сметаат тие, одново ќе го сврти течението на историјата, во бугарска насока. Парадигма за ваквата политичка позиција кај Албанците е нивен политички водач кој изјавува дека не сака да ја земе одговорноста на себе за забрзување на текот на историјата, имплицирајќи дека точно знае каде таа ќе не одведе. Парадигма за ваквата политичка позиција кај Македонците, пак, е политички водач со бугарско чувство, кој веќе стасал на „крајот на историјата“ и сега – ја чека нацијата да дојде таму!
Ова, сепак, не се тотални бесмислици, затоа што некои настани одат во прилог на оваа бугарско-албанска политичка визија во Македонија. Тоа, пред се, се комплицираните меѓуетнички односи во државата. Имено, една од најмалите нации во Европа, Македонската, мора да изнајде успешна формула за живот под заеднички политички покрив со бројно албанско малцинство кое во иднина ќе црпи огромна сила од две Албански држави на Балканот – Албанија и Косово. Токму стравот кај Македонците може да ги зајакне политичките сили кои би се обиделе да го надоместат дефицитот на моќ со приближување до Бугарија, дури и по цена на македонскиот идентитет.
Политичките опции чија цел е бришење на поновата македонска историја, засега, се раководат од начелото на „мирното решавање на историскиот спор“ преку унапредување на државата. Меѓутоа, во услови на загрозени позиции или променети меѓународни околности, тие би можеле да се определи за начелото: „што полошо, тоа подобро“. Имено, што полошо за државата, тоа подобро за крајната цел – отфрлање на „комунистичкиот заговор“ кој ја создал. Зашто, додека, теоретски гледано, нужните консенсуални елементи во македонската политика би требало да произведат стабилност на државата, политичките елити можат да ја користат својата голема моќ и за да ја подријат.
Неснаоѓањето на „македонистите“ во услови на демократија исто така оди во прилог на визијата на нивните политички противници. Создавањето на македонската нација, безмалку половина столетие се одвивало во услови на еднопартиска диктатура. Во тоа време, и немало разлика помеѓу наука и идеологија, па така, македонската историографија, неопонирана од никого, комотно врши селекција на историската граѓа од која што се создавал македонскиот идентитет. Тука не би имало ништо атипично за процесот на создавањето на било која модерна нација, кога не би се правеле и фалсификати од типот зборот „Бугарин“ да се замени со зборот „Македонец“. Таму каде што тоа не било можно, пак, личностите од историјата биле прогласувани за бугарски агенти уфрлени во некаков замислен чист македонски простор.
Ерата на студената војна е зад нас. Македонците не мораат да ја изразуваат својата посебност преку конфронтација со бугарската нација. Денес, во ерата на европското обединување, посебноста треба да ја изразуваме преку соработка со неа. Кога станува збор за одбраната на нашиот национален идентитет, пак, тоа треба да го правиме со помош на вистината. Зашто, само вистината може да ја прочисти интелектуалната атмосфера во Македонија и да го оттргне народот од национална апатија која е производ на недоречености, двосмислености или ординерни лаги. Конечно, само вистината може да им застане на патот и на најновата генерација политички профитери спремни да направат „од готово, (национална) вересија“.
Видовме како, во услови на војна и револуција, настанала македонската нација, како стасала до лингвистичката карта на Европа, а потоа и до политичката карта на светот. Можеме ли, во услови на слобода и демократија, од оваа наша историја да црпиме национално достоинство?
Ако одговорот е потврден, тогаш нѐ чека макотрпен процес на градење на нацијата. Но, ниту противниците на македонската нација нема да имаат лесна задача – ќе треба, имено, да ни покажат како се руши нација во услови на слобода и демократија.
Градење или рушење, тоа, всушност, е дилемата на македонското национално единство денес.
(2007 година)
Извор: Инбокс 7