Со својот последен, впечатлив говор во Собранието на Република Македонија пред завршницата на уставните интервенции кои треба да го променат името на државата во Република Северна Македонија, Зоран Заев ја заокружува оваа фаза од својата необична, контроверзна, но несомнено храбра и уникатна политичка кариера.
Процесот веќе не е во рацете на Заев, тој своето го одработи.
Можете Заева да го сакате или распенавени да го мразите, можете кон него да бидете и сосема рамнодушни, но сите ќе се соочат со фактот што и нашите внуци ќе го читаат него во историските учебници за развојот на македонската држава. Тоа ви е како вечната дилема за тоа дали сонуваме во боја или во црно-бела техника, но никој не спори за тоа дека, имено, сонуваме! Па, кога горчливите сеќавања на нашата генерација за валканите правно-политички пазарења ќе ги покрие троскот и дебел слој од прав и кога уморните гусли за националните предавства и порази одамна ќе бидат закачени на ѕид, Заев ќе биде веројатно единствениот кој ќе ја одбележи оваа епоха. Познавам многумина кои уште сега тоа не можат да му го простат.
Во искуството со балканските политичари има една константа: ретко или речиси никогаш не се случувало тоа што ќе го ветат дека ќе го направат, на крајот и да го испорачаат. Во таа политика, изговарањето на зборот ДА во практика значи МОЖЕБИ, а неретко и НЕ. Ветувањата се само панаѓурска роба со опортуна употребна вредност и со истечен рок на важност уште на денот кога се даваат.
Затоа е Заев, со право, во врвот на интересот на балканската политика, бидејќи ниту меѓународната заедница, како ни балканската јавност, не се навикнати вака компликувани и високо ризични политички процеси, каков што е целиот грчко-македонски проект со Преспанскиот договор, да бидат исполнети, макар и до половина, од едната страна, така како што се првично договорени.
Но, со исполнувањето на македонскиот дел од договорот се подигнува и летвичката на политичките стандарди за решавање на соседските недоразбирања и кавги на начин што нема да им одговара на многу балкански политичари, вклучувајќи многумина и во Грција. На сите им е јасно дека се очекува засилена балканска иницијатива за „вадење од фрижидер“ на неколкуте „замрзнати“ балкански спорови за нивно помрднување од мртвите точки на коишто стојат со децении, на радост и за сметка на локалните националистички протагонисти. Нив ги чека искуството на евентуалниот хепи-енд на „македонското сценарио“, како што го нарече Вучиќ. Поздрав од Меркел, во американски стил, на заминување.
Е, сега, кога оваа исклучително тешка, но само подготвителна фаза наликува дека е конечно завршена, влегуваме во следното продолжение од политичката кариера на Заев во кое ќе видиме дали македонската крава што обилно дава млеко нема да ја клоцне кантата и да го истури сето она што со мака до сега е измолзено?
Големи се шансите да се случи токму тоа. Не е јасно како овој уморен, деконцентриран и, по пат, по многу морално-политички основи значително компромитиран Заев ќе смогне сили за да се врати на развојната, реформска агенда неопходна за Македонија?
Но, до сега сфативме дека Заев станува најопасен токму кога ќе го потцените. Тоа ви е слично на неизвесноста и возбудата кога сте ги гледале Марадона, Герт Милер или Меси – фудбалери со тнр. „ниско тежиште“, со пониско поставен задник што ги прави неверојатно стабилни и тешки за соборување – кога ќе почнат да плеткаат во противничкиот шеснаесетник, ама со извонредна техника за штитење на топката на мал простор, сè додека не се изборат за вистинска шанса, за постигнатиот гол да изгледа како единственото логично и, всушност, неодбранливо решение!
Како ќе шутира Заев понатаму: како селска крава или како меѓународен голгетер?
На трибините е многу напнато, натпреварот е крајно неизвесен, има уште многу да се игра…
Извор: Цивил медиа