Државната изборна комисија, на денешната седница, се прогласи за ненадлежна да решава за спорот меѓу техничките министер и заменик-министерка околу именувањето на началникот на СВР-Скопје.
ДИК пресече дека решението за назначување на раководна позиција од страна на министерот за внатрешни работи не претставува акт или документ кој се однесува на правни финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите. Членовите на Државната изборна комисија едногласно гласале за овој заклучок, укажувајќи дека не се надлежни да одлучуваат по барањето на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во врска со одлуката за именувањето на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје, која не беше потпишана од дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска.
Според толкувања на дел членови на ДИК, тоа значи дека останува во сила решението на министерот Чулев за именување на Ставревски за шеф на СВР-Скопје. Поточно, дека дополнителната заменик-министерка, во овој случај, нема право на „вето“. Инаку, Петровска не го потпиша решението за Ставрески, со образложение дека тој е инволвиран во снимките од прислушуваните разговори што ги објавуваше поранешната опозиција. Затоа, пак, минатата недела Чулев и Петровска постигнаа договор за други десетина началници во МВР.
Согласно Законот за Влада, министрите и нивните дополнителни заменици во пет ресори во техничката влада имаат врзани потписи за одлуки што се однесуваат на организација на изборите. Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и да ја проследи до односното министерство. Одлуката на ДИК е конечна.