ДИК: До 17 часот излезноста на иселениците 36,56 отсто, а во КПУ 64,69

1294

Вкупно 985 македонски иселеници или 36,56 отсто до 17 часот излегле да гласаат за референдумското прашање, но во нив не се влезени оние од САД, Канада и Лондон (вкупно пет гласачки места), каде гласањето трае до 19 часот по локално време, соопшти вечерва на прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисија, Љупка Гугучевска.

Гласачките места, пак, во казнено-поправните установи низ земјава, вкупно 13, се затворени и до 17 часот излезноста е 64,69 отсто. Гласале 1.008 од евидентираните 1.558 лица со право на глас.

Според информациите од општинските изборни комисии, во своите домови гласале 1.520 болни или изнемоштени лица од запишаните 1.859, но ова гласање се уште трае додека сите што се пријавиле, не добијат можност да гласаат.

До овој момент, како што рече Гугучевска, ДИК добила три приговори за заштита на личното избирачко право, но сите се одбиени.

Пресекот од гласањата и излезноста до 19 часот ДИК ќе ги објави во текот на утрешниот ден. 

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со инцидентот што се случи во Австралија, од ДИК велат дека случајот е евидентиран и веќе реагирале надлежните институции.

Со право на глас на референдумот на државно ниво во избирачкиот список се запишани вкупно 1.806.336 гласачи.

ДИК има издадено акредитации за набљудување на 11.907 домашни и 493 странски набљудувачки, 194 преведувачи и 83 странски новинари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...