ДИК ги потврди кандидатурите на Пендаровски, Силјановска – Давкова и Река

95

Државната  изборна комисија (ДИК) ги потврди кандидатурите за претседател на државата поднесени од Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река.

На денешната седница ДИК ги разгледала листите за Претседател на Република Северна Македонија од кандидатите Пендаровски, Силјановска – Давкова и Река, констатирала дека се уредно поднесени и ги потврдила, со што, како што соопшти комисијата, тие се кандидати за претседател.

ДИК најави дека на тројцата кандидати за претседател на државата  ќе им подготви решенија за потврдување на поднесените листи, посакувајќи им успех.

Според најавата, утре во седиштето на ДИК ќе се одржи јавна седница на која со ждрепка ќе се утврди редоследот на единствената листа на кандидат за избор на претседател на државата.

Пендаровски е кандидат на СДСМ и коалицијата, Силјановска Давкова на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а Река на албанската опозиција. Нивните кандидатури се поднесени со поддршка од група избирачи и го имаат обезбедено потребниот минимум потписи.

Кампањата за претседателските избори, чиј прв изборен круг е закажан за 21 април, а вториот на 5 мај, почнува на 1 април.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...