ДИК ги објави првичните резултати од изборите, течат роковите за приговори

179

Државната изборна комисија на денешната седница го усвои заклучокот за објавување на првични резултати од вториот круг на претседателските избори, според кој за претседател на Република Северна Македонија е избран Стево Пендаровски. По донесувањето на заклучокот течат роковите за поднесување приговори за изборниот процес.

Според податоците на ДИК од обработени 100 отсто од гласовите, од вкупно запишаните 1.808.131 избирач, на гласање излегле 844.360 граѓани, или 46,7 отсто. Од нив за Пендаровски гласале 436.212 граѓани, а за Силјановска Давкова 377.713.

– Според ова, согласно член 121 од Изборниот законик за претседател на Републиката е избран Стево Пендаровски кој доби мнозинство гласови од граѓаните кои гласале – рече на прес-конференција. претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.

По усвојувањето на овој заклучок, појасни Дерковски, тече рокот од 48 часа во кој учесниците во изборната трка имаат право да поднесат приговори.

Членот на ДИК, Јанаќе Витановски го повтори вчера изнесениот став на Комисијата дека изборите биле чисти, фер и демократски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...