Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ објавија партнерство за проширување на можностите за вклучување на децата и младите со попреченост во дигиталното општество. Партнерите, заедно со млади луѓе, ќе создаваат иновативни дигитални решенија за подобар пристап до образование и инклузија на лицата со попреченост во заедницата.
– Дигитализацијата ќе донесе многу нови можности и целосна трансформација на општеството. Ние, како едни од главните носители на таа трансформација имаме обврска да ја испорачаме најдобрата технологија, но и одговорност да создадеме фер услови. Партнерството со УНИЦЕФ е токму таква иницијатива за намалување на дигиталниот јаз за подеднакво вклучување на ранливите групи – истакна Никола Љушев, претседател на Фондацијата „Телеком“ за Македонија.
Нагласи оти треба да се подигне свеста дека сите сме креатори и треба да создадеме фер дигитално општество каде што технологијата, пред сѐ, ќе им служи на луѓето.
– Адолесцентите и младите луѓе имаат огромен неискористен потенцијал – по природа имаат страст за новини и желба да ги поместат границите. Младите со попреченост не се разликуваат. Ова партнерство е за заедничко создавање со нив за да се најдат иновативни решенија за вистинските бариери со кои децата и младите се соочуваат секој ден на училиште и во животот – изјави Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
Партнерството се состои од две големи иницијативи кои ќе направат вистинска промена во животот на децата и младите со попреченост.
Едната иницијатива, насловена „Генерација без граници“ претставува јавен повик до млади иноватори од земјата за осмислување дигитални решенија за намалување на бариерите со кои децата и лицата со попреченост се соочуваат во образованието и секојдневниот живот.
– Ќе се оформат десет тимови што ќе работат на развивање на идеите за дигитални решенија, а во секој тим ќе има по едно лице со попреченост. Тимовите ќе работат под менторство на инженери, маркетинг и ИТ специјалисти од Македонски телеком, а најдобрите три идеи ќе бидат финансирани и реализирани, соопштија од Фондација „Телеком“.
Втората иницијатива е дигитална мапа за пристапност за лица со попреченост, насловена „Без граници“.
– Преку партнерството ќе се изработи и дигитална мапа за пристапност со која луѓето ќе можат да се информираат и да ги посочат бариерите, но и позитивните примери на пристапност во: згради, пешачки патеки и премини, јавен превоз, паркинг, игралишта, тоалети итн. Преку партнерството мапата ќе се изработи како дигитална платформа. Целта е преку оваа дигитална алатка да се обезбеди полесно движење и пристапност што е една од основите за еднаков третман на овие лица. Со текот на времето платформата дополнително ќе се развива во соработка со надлежните институции, локалните организации и здруженија на родители, наведоа од Фондација.