Четири деца спакувале опрема за риболов и пари, украле возило и поминале 900 километри низ Австралија, соопшти полицијата, пренесува „Би-Би-Си“.
Трите момчиња и едно девојче, сите на возраст од 10 до 14 години, вчера пристигнале безбедно до едно австралиско градче.
Едно од момчињата наводно му оставило порака на семејството за да се збогува.
Полицијата соопштила дека ќе подигне обвиненија, но не дала повеќе информации.
Децата не биле сите од едно семејство а возилото го зеле од родителите на едно од нив.
Тие наводно украле и бензин од една бензинска пумпа.
– Момчето беше многу ниско. Едвај го достигнуваше прозорецот – рекол еден од вработените.
Според инспекторот Дарен Вилијамс, децата се заклучиле во возилото и полицијата морала да користи палки за да влезе внатре и да ги уапси.
Како што рекол, најверојатно не возело само едно од нив, ами се менувале.
– Долго е возењето, многу долго за млада личност – додал тој.
Од полицијата било кажано дека малолетниците ќе бидат испрашувани штом се појават нивните родители.
Возачите мора да имаат 17 години за да добијат возачка во Квинсленд и Нов Јужен Велс.
ФОТО: Би-Би-Си