Две основни училишта во Варшава, Полска, одлучија да ги учат децата на оптимизам по секоја цена. И, како прв чекор, со надеж дека тој пример ќе го следат и други училишта, формално забрани какви било поплаки, негативни забелешки и лелекање.
– Забрануваме учениците да се жалат, од прагот на училиштето наваму. Ние секогаш треба да внимаваме што е добро, позитивно, а не да лелекаме – изјави наставничката Анета Пухал за полската приватна ТВН24 ТВ.
Директорката Крисна Јакубовска смета дека на тој начин, учениците, наставниците и родителите ќе се замислат дали вреди постојано да се лелека, или е подобро да се мисли што е позитивно, а ваков начин на учење да се применува уште од најмaла возраст, па и откако ќе го напуштат училиштето и градинката во местото Тивка во јужна Полска.
– Со векови, Полјаците сакаат да пишуваат за себе дека се валкани, неуредни, непочитувани. Сите ние ги знаеме овие работи. Тоа е препознатлива особина на нашето општество. Но, ние лелекаме помалку отколку пред 30 години – смета социологот Адам Лехчински.
Полскиот психијатар Марек Јурашек предупреди дека поради навиката на Полјаците да лелекаат, да се жалат и песимистички да гледаат на светот и општеството се напишани и книги и дека овој „архетип“ често се сретнува во литературата.
– Постојаното „хронично“ лелекање предизвикува стрес. Во општество со повеќе сочувство, гледаме на оној што се жали. И ако некој вели – одлично, купив автомобил, одам на летување – таквите луѓе се третираат со антипатија и не ги сакаме – вели Јурашек.
Експериментот на всадување оптимизам уште од најрана возраст во овие две полски училишта има еден недостаток досега – не предвидува казни за оние што не ја почитуваат забраната.