Деца на 12 години веќе го имале првиот сексуален однос

Младите имаат перцепција дека ако побрзат да ја изгубат невиноста, ќе достигнат нешто што го достигнале нивните идоли, прецизен е Дамјановски.

1013

Девојчиња и момчиња имаат сексуални односи на сѐ помала возраст. Ова беше кажано викендов на дводневната обука од областа на сексуалното и репродуктивното здравје на ХЕРА во Скопје, на која учествуваа млади од повеќе градови од Македонија.

– На 12 години се најмладите, кои во Македонија почнале да имаат сексуален однос. Мое мислење е дека тоа се должи на начинот на кој се расте во општеството. Во мое време, алкохол се пиеше на 18 години. Сега знам деца кои имаат 13 години и секој петок се пијани – рече волонтерот во ХЕРА, Виктор Дамјановски.

Тешко било да се каже од каде инспирација за толку рано одлучување на таков чекор, смета тој. Како што рече тој, младите не зборуваат за тоа.

Дамјановски додаде дека трендот во Македонија е таков, за сѐ да се намалува старосната граница.

– Социјалните медиуми исто така помагаат во таа насока. Фејсбук е преплавен со полуголи фотографии, придонесува и модерната музика која се слуша, песни во кои се зборува за секс. Младите имаат перцепција дека ако побрзаат да ја изгубат невиноста, ќе достигнат нешто што го достигнале нивните идоли – вели Дамјановски.

Волонтерката Драгана Терзиќ смета дека за тоа е виновна неедукацијата на децата.

– Децата не се свесни за ништо и сакаат само да пробаат и да експериментираат. Ако се посвесни за последиците кои се можни, за непосакуваната бременост и за инфекциите, најверојатно ќе почнат подоцна да бидат сексуално активни – вели Терзиќ.

Волонтерот Стефан Петровски посочи дека овие теми треба да бидат опфатени во сите училишта во земјава.

– Луѓето од странство се шокирани кога ќе им кажам дека овие работи кај нас се избегнуваат и дека за нив не се зборува во образовниот систем – рече Петровски.

Тој појасни дека сеопфатното сексуално образование не запира со оваа обука.

– Планираме ХЕРА да го работи ова сѐ додека не се преземе од официјалните државни институции како модул што се работи во основните и средните училишта. Сега се работи на неформално ниво со луѓе на доброволна база. Колку сме во можност, го движиме ова едуцирање напред. Имаме видливи резултати последниве години, но се надевам дека ќе бидат уште поуспешни – рече Петровски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...