Детското лето во Центар продолжува. Минатата среда стотици деца цртаа во паркот Капиштец, а оваа среда, 11 јули, на истото место во 18.30 часот најмладите жители на општина Центар ќе имаат можност да учествуваат на музичка работилница. Тоа ќе биде вториот од вкупно седум настани од проектот „На одмор сум во Скопје сум – Општина Центар мисли на мене“, чија основната цел е децата да се едуцираат на интересен начин за време на училишниот распуст и да се поттикнат да излезат надвор на дружење и игра.
Од Општина Центар велат дека преку слоганот „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ сакаат да го насочат детското внимание кон нешто што ќе им ја поттикне креативноста и ќе им овозможи здрав начин на забава.
– Годинешниве активности ги концепиравме така што секоја среда децата од нашата општина имааат можност да бидат вклучени во разни сегменти на уметноста. Минатата недела ликовната работилница предизвика огромен интерес кај децата и нивните родители. Оваа среда на музичката работилница очекуваме уште поголем број. Сакаме на децата да им понудиме шаренолико лето – велат од одделението за образование во Центар.
Одговорна за работилницата е музичарката и композиторка Ана Пандевска, која вели дека акцентот ќе биде ставен на перкусивните инструменти и ќе бидат изложени вибрафон, маримба, тапани, кахон, дајре, шејкер, раганела, добош и други ситни перкусии.
– Децата визуелно и аудитивно ќе се запознаат со овие инструменти, со имињата, звукот, изгледот и дел од техниките кои се употребуваат. Во одреден дел од програмата ќе имаме употреба на body percussion така што децата ќе го користат сопственото тело како инструмент, како и на основните музички елементи: темпо, ритам, метар, тембр, мелодија, хармонија, форма и сл. Децата ќе прават свои инструменти, шејкери, со кои ќе вежбаат различни ритми. Целта на работилницата е преку игра, едукативно да се допре до секое дете кое ќе биде на настанот. Истовремено сите да се забавуваат и да научат нови нешта. Да се обидеме да допреме и до родителите да внимаваат на изборот на музика која се пласира до нивните деца – вели Пандевска.
За време на работилницата перкусионистот Антоние Весковски со задавање ритмо-метрички примери ќе ги анимира децата активно да учествуваат преку игра, а вокалот Ања Ветерова ќе изведе неколку песни од цртани филмови.