Децата кои синоќа беа заборавени во возило во населбата Аеродром се сместени на безбедно место, изјави за Плусинфо Наташа Станојевиќ, директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје.
Децата пред неколку часа се отпуштени од Клиниката за детски болести каде синоќа по приемот им била укажана итна здравствена услуга поради лесна дехидратација, а биле и исплашени и со валкани алишта. Но наместо дома, тие денеска биде однесени на друго место.
– По разговор со двете деца и со родителите, стручниот тим од Центарот за социјални работи оцени дека во овој период е најдобро децата да бидат тргнати на страна. Тие се сместени на безбедно место – нагласи директорката Станојевиќ.
Таа претходно ни изјави дека децата може да бидат одземени од родителите, но само кога ќе се утврдат причините зошто биле оставени сами во возило.
Родителите може да заработат и кривична пријава
А за тоа до каде е постапката во Обвинителството и дали спрема родителите може да биде поднесена и кривична пријава, оттаму ни изјавија:
– Веднаш по добивање на информацијата за настанот вчера вечерта, околу 23.30 часот, дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издаде насоки за преземање дејствија и прибирање податоци од страна на надлежните органи. МВР од страна на надлежниот јавен обвинител доби насоки и задолженија за обезбедување на релевантни докази во поглед на наведениот настан. Воедно даде насока во таа постапка да биде вклучен и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на град Скопје во смисла на досегашно остварување на родителските права и обврски од страна на родителите на децата – одговорија од Обвинителството.
По комплетирање на сите проверки, како што објаснуваат од ОЈО, во зависност од резултатите на истите доколку од кривично праван аспект се утврдат околности кои упатуваат на извршено кривично дело, МВР како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела, во законска постапка ќе поднесе кривична пријава до обвинителството.