Во македонскиот спорт ретко кој може да се пофали со кариера каква што ја има Кире Ричлиев. Со одбојката е повеќе од 40 години, од кои две и пол децении е тренер на тимот на Струмица, а останатите 15 години беше активен играч, па дури и во некогашната прва југословенска одбојкарска лига. Зад себе, 52-годишниот Ричлиев има вкупно 11 титули со екипата на Струмица со пет куп и шест првенствени титули, освоени како играч и тренер од осамостојувањето на Македонија, како и над 30 титули во пионерска, младинска и кадетска конкуренција.
Докажаниот творец на одбојкарски имиња е посебно горд на „своите деца“, кои го бранат репрезентативниот дрес и го изборија најголемиот успех на македонската одбојка со учество на претстојното европско одбојкарско првенство, кое ќе се одржи во септември годинава во Словенија, Белгија, Франција и Холандија.
Браќата Никола и Ѓорѓи Ѓоргиеви, Александар Лафтов, Владо Милев, Филип Маџунков, Славе Наков, Васе Михаилов, Марјан Урдов, Стојан Илиев и Ристо Николов се актуелни и повремени репрезентативци, кои го понесоа најголемиот товар од квалификациите за ЕП.
Македонската репрезентација првиот официјален натпревар го одигра 1994 година против Австрија и по скоро 25 години го испиша големиот историски успех.
– Оваа генерација, која го оствари сонот на голем број македонски одбојкари да учествуваат на едно големо натпреварување, ме прави посебно горд. За мене, но и за сите струмичани, за време на одржувањето на Европското првенство ќе се слушне дека овие „деца“ потекнуваат од Струмица и се дел од нашата позната одбојкарска школа, вели скромниот Кире Ричлиев.
Додава дека за да се создаде квалитетен репрезентативец потребни се 6 до 8 години.
– Се надевам дека овој голем успех ќе придонесе за поголема анимација на одбојката и да привлечеме што поголем број на деца во салите, но и да влезат добри спонзори. Младински школи имаат скоро сите клубови, но ние имавме среќа оваа генерација да биде „висока“ и технички добро подготвена. Одбојката е олимписки спорт и треба да се направи соодветна селекција. Мене ми се потребни минимум од 6 до 8 години за да почне одбојкарот да чука на вратите на репрезентацијата. Клубот треба постојано да вложува, а корист од тоа, покрај одбојкарите, секако има и репрезентацијата.
Ричлиев одбојка почнал да игра во 1978 година заедно со брат му Васе во ОК „Струмица“, првиот македонски одбојкарски шампион и поранешен член на елитното југословенско одбојарско друштво. По завршувањето на Факултетот за физичка култура, покрај активното играње, почнува со работа со најмладите категории одбојкари во Струмица, а еден период имаше и сопствена одбојкарска школа.
Тајните на одбојката ги пренесе на многу генерации. Од школата на Ричлиев излегоа многу поранешни и сегашни репрезентативци и интернационалци. Како и сега, и порано во македонската одбојкарска репрезентација настапуваа десет негови одбојкари.
Неколку години беше тренер на репрезентацијата и му беше прв соработник на селекторот Јошко Миленковски, како и селектор на младинската репрезентација.
Досега само на два пати, на кус период, заминувал од Струмица-еднаш како тренер на Косово и вториот пат во Италија.
Двете деца на Кире Ричлиев, синот Александар и ќерката Софија, продолжија по неговите стапки. Синот ги брани боите на ОК „Струмица Џио“, а ќерката настапува во клуб во Полска.