По синоќешниот скандал кога две деца биле заборавени сами во возило во Аеродром што ја потресе и згрози јавноста во Македонија, децата може да бидат и одземени од родителите, зависно од причината зошто ги оставиле сами и заклучени во возилото.
Децата биле спасени синоќа околу 23 часот откако биле забележани од децата кои си играле надвор а кои ги алармирале родителите и соседите дека братчето и сестричето врескаат сами во возило, по што пристигнала полиција и Брза помош.
И Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, по полицијата и Обвинителството, почна постапка за овој случај. Социјалните работници изутринава ги посетиле децата кои од синоќа се на Клиниката за детски болести, а дознаваме дека разговарале и со нивната мајка, но досега немаме информации дали и од таткото е земена изјава.
– Центарот ќе ги преземе сите мерки за заштита на децата и се води постапка за овој случај. Зависи од доказите, но Центарот може да покрене постапка за одземање на родителското право, но нагласувам тоа зависи најмногу од доказите кои ќе бидат приложени, односно зошто децата биле оставени сами во возило. Вработените излегоа на терен и ја водиме постапката. А кривична постапка може да води Обвинителството – изјави за Плусинфо Наташа Станојевиќ, директорка на Центарот.
Од Основното јавно обвинителство сѐ уште нема информација дали спрема родителите на децата ќе биде покрената и кривична постапка.
Децата со возило на Итната медицинска помош синоќа биле донесени на Клиниката за детски болести. Тие, како што предмалку изјави д-р Весна Мицевска, се во добра здравствена состојба и ќе бидат отпуштени, но не прецизираше каде ќе заминат – дали дома со мајката или ќе ги преземе Центарот за социјални работи.
Како што веќе објавивме, мајката веднаш по приемот била заедно со децата на одделот пулмологија на Клиниката. При приемот децата биле лесно дехидрирани, но тоа според докторката Мицевска, не било последица на престојот во автомобилот, а оддавале впечаток дека се запуштени – биле валкани и во нечисти алишта, но во свесна состојба и исплашени. Виталните параметри на децата биле уредни.