Децата кои само бројат лајкови, ќе станат несигурни во животот

1535

Како да се препознаат лажни вести и како да се заштитат најмладите од лошите страни на модерната технологија, разговаравме со специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов.

– И покрај тоа што ова е светски распространета тема и што се менува свесноста за истата, сѐ уште има потешкотии во борбата и препознавањето на лажните вести.

Денес луѓето се сѐ повеќе изложени на разни непроверени информации за кои дури и најискусните некогаш не може да препознаат дека станува збор за лажни вести. Затоа е многу важно критички да се прима секоја вест и да се проверуваат изворите од каде информациите потекнуваат и се пласираат. Вакви информации може да среќаваме на секој чекор и затоа е важно внимателно да се провери кој ја напишал веста, што и како се случило и дали навистина се случило како што е наведено, дали веста изобилува со печатни и граматички грешки, стилот на пишување, да се препознае аматерскиот изглед на веб страниците, како и други технички пречки кои може да нѐ наведат на тоа веста да се прифаќа со доза на „сомнеж“.

Но, како што одминува времето, креаторите на лажните вести сѐ повеќе се усовршуваат и стануваат повешти во креирањето на лажни или полукредибилни вести кои речиси целосно наликуваат на кредибилни и точни вести. Во оваа смисла е потребна многу поголема улога на независните медиумски тела, како и јакнење на личната свест и вештини. Тука особено би ја истакнал медиумската и дигиталната писменост и нивното воведување како содржини во образовниот систем на децата уште од најрана возраст.

Дали ви се обратиле за помош на оваа тема?

– Да. Пријатели, а особено личности од јавниот живот кои се соочиле со ширење на полукредибилни информации и лажни вести за нив и нивни активности. Тоа е секогаш деликатна тема, но за среќа многу често успеваме со дијалог и конкретни препораки да бидат надминати таквите проблеми.

Мој совет е во крајна нужда или само ако нема веќе каде, да се користат законските можности за покренување парници или друго пресметување по судски пат со лицата кои ги креираат ваквите содржини.

Како да се заштитиме од лажни вести?

– Најпрво да не се губиме во многубројните информации и да го провериме изворот од каде доаѓаат, секогаш да ги споредуваме со други извори (доколку нешто ни изгледа чудно, потребно е да го провериме на повеќе места).

Копчето „сподели“ (share) има голема моќ и не треба да го користиме освен доколку не сме сигурни дека споделуваме кредибилна вест. Во спротивно, доколку сме „наседнале“ на некоја лажна вест, со нејзиното брзо и рефлексивно споделување, ќе придонесеме за нејзино ширење и ефект на лавина во ширењето на нус појавите кои со себе ги носат лажните вести.

Понатаму, секој граѓанин е потребно да се едуцира и да стекне вештитни и техники за препознавање на лажните вести. Особено е важно да се подигне критичко мислење кај секој граѓанин и целокупната јавност.

Транспарентноста и отчетноста на властите е од витално значење во битката со лажните вести. Само отворени институции можат да придонесат во насока на сузбивање на некредибилните информации. Ова подразбира недвосмилена и неселективна комуникација на службите за односи со јавност со сите традиционални медиуми, како и постојано пласирање на јасни пораки поврзани со работата на институциите и носителите на јавни функции на социјалните мрежи.

Потребно е да се направат напори и да се организираат обуки за медиумска писменост за различни возрасни категории, како и да се разгледа можноста дигиталната и воопшто, медиумската писменост и критичко размислување да станат дел од образовниот систем уште од најрана возраст на децата.

Секако, зајакнувањето на примената на соодветни закони за ширење на лажни вести треба да биде континуиран и незапирлив процес.

Сведоци сме дека и на деца од неколку години им се отвора Фејсбук профил. На колкава возраст е најдобро човек да се запознае со социјалните мрежи?

– Има повеќе елементи за употребата на социјалните медиуми кои може да не се соодветни за децата. Мојот совет е никогаш да не се отвора профил на ниту еден социјален медиум под дозволената возраст која истиот го пропишува, бидејќи овие ограничувања освен што се однесуваат на приватноста, се однесуваат и на безбедноста во интернет просторот. Отворањето на Фејсбук профил под дозволената возраст (13 години) треба да се избегнува, како и користењето на други социјални медиуми на возраст несоодветна за децата (инстаграм, ватс ап, твитер, вибер и тн.).

Многу е важно при регистрацијата да ги почитуваме условите за користење и да ја наведеме точната возраст. Исто така, важно е да се води сметка за содржината која се објавува и да ги заштитуваме личните податоци додека сме во онлајн просторот, бидејќи тие ќе останат таму и кога ние ќе бидеме офлајн.

Со неколку реченици, секој од нас мора да сфати дека правилата се создаваат за да се почитуваат, но и дека секое правило пред да се донесе поминува низ рацете на многу стручни луѓе и се базира на вредносни и други критериуми. Исто така, потребно е да ги читаме условите за користење кои ги прифаќаме кога отвораме профил на социјалните медиуми или корисничка сметка на некоја интернет апликација, но истовремено и самите социјални мрежи и други онлајн сервиси треба кратко и јасно да наведат што прифаќаме доколку се решиме да ги користиме нивните услуги. Ако вака ги поставиме меѓусебните односи, нашите права како граѓани и потрошувачи ќе бидат целосно испочитувани.

Дали уште како мали се учат децата дека социјалните мрежи се важни? На пример со тоа, „види мама колку лајкови доби“ и слично?

– Неопходно е да се укаже на важноста и потребата од користењето на интернетот и на социјалните мрежи на рана возраст меѓутоа, пред сѐ, од аспект дека тие можат да се искористат за стекнување и развивање на вештини кај децата (пример: математички, јазични, логички и слично). На пример, денес сѐ повеќе е распространета употребата на јутјуб од страна на децата од најмала возраст преку што тие учат да зборуваат странски јазик, бројат, учат букви, но развиваат и когнитивни вештини…

Од друга страна ваквите активности доколку прекумерно се прават, можат да создадат еден вид зависност кај најмалите.

Секако, учењето на децата од најрана возраст само да „бројат“ лајкови ќе ги направи несигурни во своето однесување и зависни од потребата да бидат признаени од околината, односно многу е веројатно дека ќе станат личности со помала самодоверба од своите врсници.

Дигиталната писменост, како дел од медиумската писменост, нѐ учи дека дигитализацијата и интернетот треба да најдат примена во подобрување на вештините во учењето, работата, квалитетното поминување на слободното време и слично. Како ќе ги насочиме децата да се однесуваат во интернет просторот од најрана возраст, така ќе функционираат и во текот на својот живот. Затоа, одговорноста на родителите, наставниците и сите возрасни во овој дел е мошне голема и дури би рекол од непроценливо значење!

Иако нема официјални податоци, се верува дека тинејџерите сѐ повеќе преферираат Инстаграм за разлика од Фејсбук. Дали е тоа така бидејќи повозрасните ги нема многу на оваа платформа, па нема кој да ги контролира?

– Инстаграм е онлајн апликација која е достапна за сите корисници, значи подеднакво може да ја користат и возрасните и тинејџерите. Статистиките сѐ повеќе покажуваат дека тинејџерите ја преферираат, бидејќи самата апликација е полесна за употреба на мобилен телефон, поедноставна е за пристапување и разбирање, и најважно сликите се во фокусот. Времето на тинејџерите е динамично и „скапо“, па тие често повеќе сакаат да погледнат нешто, отколку да трошат време на читање.

Голема улога во „стареењето“ на Фејсбук има и масовното користење од страна на повозрасните генерации кои несакајќи ги пренасочуваат тинејџерите на други социјални интернет платформи како Инстаграм, Снепчет и други. Секој има потреба и желба за приватност, вклучително и тинејџерите. Затоа е неопходно како родители претходно да сме се погрижиле децата да научат како правилно да се организираат и заштитат додека се во онлајн просторот. Со тоа повеќе од половината од работата сме ја завршиле.

Кој е најдобриот начин родителот да знае што неговото дете објавува, а сепак тоа да не се чувствува како да е надгледувано 24/7?

– Треба да се има предвид дека е многу тешко да се има целосна контрола врз користењето на онлајн медиумите, меѓутоа дека исцртување и постигнување на семеен договор е одличен начин за утврдување јасни очекувања за позитивно и безбедно користење на алатките. „Семеен договор“ е најдобриот начин да се започне разговор во семејството на кој начин се користи интернетот и да се дискутира позитивниот начин на однесување онлајн дома, на училиште или во домот на нивните врсници и пријатели. Со овој договор заеднички ќе ги утврдите правилата на однесување, кој ќе биде одговорен за несоодветно однесување и што ќе се случи доколку некое правило од овој договор биде прекршено од страна на возрасните или децата. Од оваа гледна точка ќе бидеме посигурни дека нашето дете се однесува согласно овие правила и дека е безбедно на интернет.

Софтверите за родителска заштита, исто така, претставуваат важен дел од процесот на заштита на децата додека се во онлајн светот. Тие нудат многу опции кои ќе го заштитат детето од несакани интернет конверзации или од ризиците на сајбер булингот, ризици кои понатаму може да водат до повлеченост на детето, депресија, но и до најстрашното, суицидни обиди, сериозни психолошки трауми и неправилен раст и развој.

Од постојано чукање на компјутер и мобилен, заборавивме да пишуваме. Колку еден родител треба да му дозволува на детето да седи на интернет?

– Интернет просторот и новите медиуми се дел од секојдневието на секој човек. Децата треба да се поттикнуваат да ги користат интернет платформите, меѓутоа да најдат начин на кој тие ќе бидат во сооднос со тековните офлајн активностите кои детето ги врши.

Поминувањето време на интернет треба однапред да биде утврдено и секој родител точно треба да знае колку часа и на кој начин неговото дете го користи интернетот, но и да му укажува и да го стимулира да се социјализира.

Важно е, исто така, уште од најрана возраст да направиме разлика кога интернетот се користи за забава, а кога за корисни активности и учење од страна на децата. Секое прекумерно користење или консумација создава негативни последици. Често како пример за ова сакам да истакнам дека дури и прекумерното консумирање на брокулата која се смета за исклучително здрав зеленчук може да предизвика нус ефекти.

Сведоци сме на постојано излегување на експлицитни фотографии во јавноста, кои биле праќани како „љубовни сигнали или докази“, па често тоа се и ѕвезди и идоли на најмладите. Како да ги заштитиме од ова и дали има начин на кој родителите можат индиректно да го спречат своето дете да праќа, прима или објавува во јавност доколку добие, вакви фотографии?

– Родителите и децата заеднички треба да го договорат времето и начинот на кој ќе бидат присутни децата на социјалните медиуми, во смисла колку време во денот ќе бидат поминати на интернет, какви информации ќе споделуваат, да обезбедат дека сите страници кои ги користат се сигурни, дека ќе прифаќаат барања само од луѓе што ги познаваат, дека нема да споделуваат фотографии, дека ќе ги информираат доколку наидат на содржини кои ги вознемируваат и дека ќе ги блокираат истите и ќе го информираат медиумот итн.

Исто така постојат и алатки, односно софтвери за родителска заштита преку кои се превенира што децата објавуваат и добиваат при нивната активност онлајн.

Но, секако од клучно значење е разговорот помеѓу родителите и децата на секоја тема, вклучително и за она што му се случува на детето во интернет просторот. Изградената меѓусебна доверба, но и онлајн репутација кај децата е основата за добра превенција на најмладите во интернет зоните и нивните активности на социјалните медиуми.

Не е ретко и насилството на социјалните мрежи. Како да се заштитиме и од него?

– Во случај да станеме жртва на сајбер насилиство или криминал треба да ја блокираме комуникацијата, да ја зачуваме во евиденција и да не одговараме на електронска пошта или било која таква конверзација преку социјалните медиуми. Доколку станува збор за злоупотреба на лични податоци, сајбер булинг или, пак, говор на омраза и закани за физичка пресметка случајот треба да се пријави на надлежните институции (МВР и Дирекцијата за заштита на лични податоци).

Апелирам до сите, да не заборавиме дека основата на социјалните медиуми е вмрежувањето, двонасочната комуникација и интеракција во реално време, како и дебата. Иако секој од нас ги пренесува позитивните и негативните карактерни особини од секојдневието и во интернет просторот, сепак треба постојано да се подобруваме и да ги исфрлиме говорот на омраза и насилството од нашето однесување и карактеристики. Особено е важно секој од нас да работи на исфрлање на вулгарностите, пцостите и дискриминацијата од нашето секојдневно изразување во интернет просторот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...