Децата во Македонија си играат со сомнителни играчки

Тестирањето играчки во Скопје и во Битола кое го спровеле покажало дека најголем дел од нив немале соодветна декларација, а повеќе од половината имале знаци кои насочувале дека се токсични.

248

Околу 70 отсто од играчките на пазарот во Македонија се небезбедни, се продаваат на отворено, на пазарите, немаат соодветна декларација, ниту информација за нивниот хемиски, физички, безбедносен состав.

Ова е проценката на граѓанската организација „Новинари за човекови права“, која спроведе истражување за состојбата со играчките на пазарот во Македонија, со цел да се подигне свеста за нивната безбедност и да се направи споредба со резултатите од истражувањето спроведено во 2013 година.

На презентацијата на наодите од истражувањето Наташа Доковска од „Новинари за човекови права“ која е и проектен координатор, рече дека во Македонија се продаваат помалку безбедни играчки односно се продаваат помалку брендирани играчки.

– Има 17 компании чија примарна дејност им е увоз на брендирани играчки, но само четири од нив увезуваат еколошки безбедни играчки кои се произведуваат во светот, односно станува збор за 20 признати бренда. Сите други останати играчки на македонскиот пазар се небрендирани- рече Доковска.

Посочи дека во 2013 година на македонскиот пазар биле застапени 50 бренда, а сега 20.

– Претпоставувам дека намалувањето се должи на намалувањето на економската моќ. Едноставно луѓето немааат пари да ги купат и увозниците ги затвораат продавниците. Сите сме свесни и гледаме дека најголем дел од тие големи продавници за играчки не постојат или се преполовени и во нив се продава друга стока, а не само играчки- истакна Доковска.

Потенцира дека треба да се едуцираме за тоа што треба да содржат играчките, да внимаваме што купуваме, да ја следиме Рапекс листата која е алатка на ЕУ на која секоја недела се објавуваат сите производи кои се забранети на европскиот пазар.

Тестирањето играчки во Скопје и во Битола кое го спровеле покажало дека најголем дел од нив немале соодветна декларација, а повеќе од половината имале знаци кои насочувале дека се токсични.

– Над 70 отсто од играчките се небезбедни и содржат ситни делови, а бучавата кај сите е речиси недозволена односно над 85 децибели. За безбедноста на играчките е задолжен Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а за увозот и нивната испорака се задолжени министерствата за здравство, животна средина и економија- додаде Доковска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...